ПОВЕЌЕ

    Претставници на Народната банка учествуваат во скрининг процесот за поглавјето „Економска и монетарна унија“

    Време зa читање: 3 минути

    Претставници на Народната банка, кои се дел од работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристап кон ЕУ, учествуваа во активностите во рамките на Кластерот 3 – Конкурентност и инклузивен раст. За поглавјето 17 – Економска и монетарна унија, свои излагање имаа Маја Андреевска, секретар на банката, во подрачјата „Независност на централната банка“ и „Забрана за монетарно финансирање, забрана за привилегиран пристап до финансиски институции и супервизорски активности на централната банка“, Султанија Бојчева Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика во подрачјето „Политика на девизен курс“ и Бојан Цветковски од Дирекцијата за трезорско работење, во подрачјето „Издавање евробанкноти и монети“.

    Главната цел на централната банка е постигнување и одржување ценовна стабилност, што е целосно во согласност со одредбите на Договорот за ЕУ и Статутот на Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки. Друга цел, подредена на основната, е централната банка да придонесува кон постигнување и одржување финансиската стабилност. НБРСМ го поддржува економскиот раст преку своите политики, без да го загрози постигнувањето на главната цел, беше посочено во излагањата од подрачјето „Независност на централната банка“.

    Во однос на правната усогласеност, сите четири аспекти на независноста – функционална, институционална, персонална и финансиска, се јасно дефинирани и обезбедени во Законот за Народната банка. Сепак, постои потреба од зајакнување на законските одредби за институционалната и финансиската независност на централната банка, истакната и во повеќе последователни извештаи на Европската комисија.

    Покрај тоа, во подрачјето „Забрана за монетарно финансирање, забрана за привилегиран пристап до финансиски институции и супервизорски активности на централната банка“ беше презентирано дека националното законодавство е усогласено со европското и од тој аспект. Се истакна дека во делот на супервизорските задачи, надлежностите од постојната правна рамка се проширија со Законот за финансиска стабилност од април 2022 година, со кој е воведен макропрудентен мандат на централната банка. Предлог-измените на Законот за Народната банка, кои се во собраниска процедура, меѓу другото вклучуваат и нови одредби со кои  дополнително се зајакнува мандатот за спроведување макропрудентна политика и преземање макропрудентни мерки, а се воведува и надлежноста за вршење активности за решавање банки.

    Во однос на подрачјата „Политика на девизен курс“ и „Издавање евробанкноти и монети“, беше објаснето дека голем дел од обврските стануваат важечки од датумот на пристапување на државата во ЕУ, а потоа и со воведувањето на еврото. Но, Народната банка уште во оваа фаза остварува висока усогласеност со законската и оперативната рамка на ЕК и ЕЦБ. Тоа се однесува на повеќе аспекти, меѓу кои и спроведувањето на политиката на девизен курс, на монетарната политика, издавањето банкноти и монети… На крајот беше истакнато дека како досега, така и во иднина, Народната банка ќе биде посветена на носење политики за зајакнување на способноста за преземање на обврските од членството во економската и монетарната унија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично