ПОВЕЌЕ

    Ковачевски на отворањето на Вториот економски форум: Кризата да ја претвориме во можност

    Време зa читање: 4 минути

    Првиот Економски форум се одржа во ек на корона кризата, а сега, две години подоцна, се соочивме со светската економска и енергетската криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво. Економскиот форум го дочекавме во уште еден голем предизвик, воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме, рече меѓу другото премиерот Димитар Ковачевски отворајќи го вториот Економски форум што се одржува во Скопје. Организацијата е на Делфи Економски Форум и на Грчката бизнис асоцијација во земјава.

    Говорејќи за справувањето со предизвиците, Ковачевски истакна дека Владата успеала да го сузбие растот на цената на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со примена на навремени мерки и со искористени над 760 милиони евра. „Според податоците на Светска банка, во регионот издвоивме највисока буџетска поддршка, дури пет отсто од БДП за справување со кризата. Морам да напоменам дека сите мерки се носеа во партнерство со засегнатите страни, со поддршка од државите од регионот, на ЕУ и нашите стратешки партнери САД“.

    Посочи дека фокусот мора да е на иднината, а не на минатото, со цел подобрување на економиите, со што на граѓаните ќе им се овозможи подобар стандард и поквалитетен живот.

    Осврнувајќи се на иницијативата Отворен Балкан, Ковачевски нагласи дека трите држави – Македонија, Србија и Албанија функционираат како ЕУ во мало.

    „Неодамна Собранието ги ратификуваше законските решенија кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан. Со тоа, нема веќе граници меѓу овие три земји. Отворен Балкан е реалност за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија, кои ќе можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Со тоа се либерализира регионалниот пазар на трудот. Станува збор за огромна помош и олеснување за компаниите со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Ги гледаме придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат нашите граѓани, на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите“.

    Од огромна важност за трговската размена во регионот и пошироко, како што рече, се „зелените коридори“, за што ќе треба заедничко вложување напори за да се подобри и прошири нивното функционирање и кон земјите членки на ЕУ. Со тоа „ќе влијаеме и ќе придонесеме за подобар имиџ на нашите економии и држави“.

    За премиерот, домашната економија и во услови на најголемата криза е стабилна и ќе расте, бидејќи власта се стреми кризата да ја претвори во можност. „Направени се значајни постигнувања, а во оваа прилика ќе издвојам само неколку: минатата година, една од најкризните во Европа, имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек. Со цел, како држава да ги помогнеме компаниите, а согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници“.

    Споменувајќи ја втората фабрика на германски Гересхајмер, чија изградба беше означена минатата недела, Ковачевски најави дека бранот на нови странски инвестиции ќе продолжи и годинава. „Тоа се должи на поволностите кои ние како држава ги овозможуваме за странските инвеститори кои во Северна Македонија гледаат како на безбедна дестинација за инвестирање. Затоа би сакал да ги стимулирам сите потенцијални инвеститори да не се двоумат, туку да ги вложат своите средства, по примерот на инвеститорите кои вложуваат во моментов во нашата држава, нудејќи европски плати за македонски услови“, рече премиерот, нагласувајќи дека македонските и граѓаните од регионот на Западен Балкан заслужуваат европски услови за работа и европски плати.

    Што се однесува, пак, на годинава, премиерот рече дека фокусот е на остварување на плановите за целосно регионално патно, железничко, инфраструктурно и енергетско поврзување.

    На Форумот присуствуваа личности од земјава и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои, претставникот на ЕУ Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично