Вкупно 20 „зелени“ проекти на 17 компании во земјава се во фаза на реализација, со што компаниите ќе придонесат за модернизација на своите производни капацитети, превозни флоти и продажни локации. Почетокот и реализацијата на овие развојни проекти се должи на кредитната линија за поддршка на малите и средни претпријатија за инвестиции во одржливи, зелени технологии обезбедена од ЕБОР преку Стопанска банка АД – Скопје.
Минатата година ЕБОР и Стопанска банка потпишаа договор за воведување на оваа кредитна линија во висина од четири милиони евра, која е дел од Програмата за одржливо рестартирање на мали и средни претпријатија (Sustainable Reboot SME Programme). Согласно критериумите, за реализација на проектите клиентите на Банката користат грант-поддршка во вредност до 15 проценти од износот на кредитот, обезбедена од Луксембург, Норвешка, Ирска, Италија, Јапонија, Кореја, Шведска, Швајцарија, Кинески Тајпеј и САД. Според намената, 50 отсто од сите проекти се насочени кон искористување на сончевата енергија како извор на електрична енергија за потребите на компаниите. Оваа распределба одговара на актуелните трендови за создавање одржлива иднина и намалени трошоци од работењето. Останатите проекти се фокусираат на подобра превозна флота и модернизација на производните и продажните погони на компаниите.
-Како Банка со најдолга традиција на пазарот, Стопанска банка АД – Скопје воедно e и системски значајна банка и еден од столбовите на економијата. Затоа, веруваме дека со вакви проекти отвораме нови хоризонти и ја продлабочуваме соработката со клиентите и со заедницата. Им благодариме на ЕБОР и спонзорите на проектот и се надеваме на многу идни успешни соработки – велат од Стопанска банка.
Оттаму истакнуваат дека Стопанска банка продолжува на своите клиенти да им нуди финансиски анализи, совети и решенија во согласност со нивните потреби и можности за унапредување на финансиските резултати и остварувања. Истовремено, заедно со ЕБОР, Банката работи на унапредување на влијанието на бизнисите на клиентите врз животната околина, создавајќи придобивки за сите.
ПР текст