Министерството за економија и труд, на владина седница одржана на 18 март, беше задолжено да започне со подготовки за измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност. Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, информираше на денешната прес-конференција Бесар Дурмиши, министер за економија и труд. Со овие измени, нагласи Дурмиши, пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат.
Досегашната законска постапка, која детално ја образложи министерот за економија, предвидуваше, субјектот кој упатува барање за лиценца за отворање на ноќен клуб, диско клуб, диско клуб на отворено или за кабаре, да поднесе неколку различни документи, меѓу кои и Пријава за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност до Министерството за економија и труд, но дека Министерство, откако ќе ја разгледа документацијата која содржи акти и документи издадени од други институции и врз основа на истата, доколку се исполнети условите е задолжена да ја даде Лиценцата за вршење угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор со период на важност од 1 (една) година. Министерство за економија и труд, нагласи Дурмиши, не е надлежно ниту има механизам за вршење увид, надзор или контрола во објектот во кој ќе се врши дејноста.
Според досегашната законска обврска, пријавата за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност е формулар кој правниот субјект самиот го пополнува со бараните основни податоци за субјектот, дејноста, просторија за лична хигиена на гостите, посебни одредби за вработените, капацитет за простор за послужување, вентилација, број на излези за итни ситуации и многу други критериум, при што истиот изјавува дека дадените податоци во пријавата се вистинити и притоа образецот го доставува во подрачно одделение на Државниот пазарен инспекторат.
Барањето за согласност дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот барателот го поднесува до Министерство за внатрешни работи, а доколку не поднесе, по службена должност Министерството за економија и труд ќе се обрати со барање мислење до МВР. По добивање на мислењето од МВР, Министерството за економија и труд ја изготвува соодветната Лиценца за која е поднесено барањето.
Доколку се добие негативно мислење во однос на исполнетоста на условите наведени погоре Министерството за економија и труд ќе донесе Решение за одбивање на барањето и не се издава бараната лиценца. Доколку во периодот на важноста на Лиценцата (1 година) МВР констатира дека кај одреден субјект се изменети односно не ги исполнува условите за кои е надлежен да врши контрола и надзор, ќе го извести Министерството за економија и труд по што министерството ќе донесе Решение за одземање на веќе издадена лиценца, рече Дурмиши.
Секој правен субјект без разлика на дејноста за која е регистриран вклучувајќи ги и сите угостителски објекти пред започнување со работа задолжително поднесува Пријава или Известување за започнување со работа до: Градоначалник на општината, Инспекторат за труд, Дирекција за заштита и спасување, Агенција за храна и ветеринарство (доколку подготвува и послужува храна), УЈП и други надлежни институции кои се предвидени согласно позитивните законски прописи во Р Македонија за која документација се подразбира дека задолжително ја има поднесено, по што може да поднесе барање за издавање на Лиценца за вршење угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор.
„Сакам да порачам дека Министерството за економија и труд е посветено на гарантирање дека законот ќе се почитува и секој кој што огрешил пред законот треба да одговара. Граѓаните имаат право да бидат информирани на вистински начин и да побараат отчетност“, рече Дурмиши и продолжи: „Одговорноста има име и презиме и сите одговорни лица очекувам дека ќе бидат казнети. Правдата мора да биде воспоставена“, нагласи на крајот министерот Дурмиши.