ПОВЕЌЕ

    ПРАЗНИЦИ СО И БЕЗ БОНУС: Како светот ги наградува вработените за Нова Година и Божиќ

    Време зa читање: 3 минути

    Декември е месец кога канцелариите тивко се делат на два света. Во едниот, вработените со насмевка ја отвораат банкарската апликација, планираат патувања, подароци и мали бегства по празниците. Во другиот, пристигнува внимателно срочен мејл со наслов „Season’s Greetings“, полн со убави желби, но без финансиска содржина. Божиќниот бонус, популарно наречен божиќница, одамна не е само пари, тој во многу земји е порака, однос, традиција и јасен показател за тоа како една економија и една компанија ги третираат своите вработени.

    Во Европа, божиќниот бонус во многу земји не е изненадување, туку очекување. Во Германија, таканаречениот Weihnachtsgeld го добиваат милиони вработени, а износите се движат од неколку стотици до неколку илјади евра, особено во авто-индустријата, енергетиката и финансискиот сектор. Германската пракса оди дотаму што судовите признаваат божиќен бонус како стекнато право доколку компанијата го исплаќала со години, со што се брише границата меѓу добра волја и обврска.

    Во Австрија, Божиќ без 14-та плата е речиси незамислив, бидејќи вработените добиваат и 13-та и 14-та плата, а декемвриската има повластен даночен третман и често е темел на празничниот буџет.

    Во Италија, tredicesima, односно 13-та плата, им се исплаќа на милиони вработени непосредно пред Божиќ, а најголем дел од тие пари веднаш се трошат за подароци, празнични трпези, патувања и излегувања, поради што декември е еден од најживите месеци за трговијата и туризмот во земјата.

    Посебен европски пример е Словенија, и божиќниот бонус не е симболичен гест, туку јасно воспоставена и широко прифатена практика. Во 2024 и 2025 година, словенечкото законодавство и даночната регулатива овозможуваат компаниите да исплатат божиќен бонус до околу 640 евра по вработен, без дополнително оданочување, што практично го прави овој износ стандарден во приватниот сектор. Токму затоа, голем дел од работодавачите го исплаќаат овој максимум, бидејќи е најповолен и за компанијата и за вработените. Кај профитабилните фирми, бонусите знаат да бидат и повисоки од 640 евра, но тогаш разликата над лимитот се оданочува како плата.

    Во САД, ситуацијата е сосема поинаква. Таму 13-та плата не постои, а божиќните бонуси се дискрециони и строго поврзани со перформансот. Резултатот се огромни контрасти – од симболични ваучери за вработени во мали бизниси до милионски бонуси за менаџери на Волстрит. Во Силиконската долина, празничните награди често доаѓаат како акции, опции или дополнителни слободни денови, што го прави американскиот модел непредвидлив, но потенцијално екстравагантен.

    На Балканот, божиќницата е помеѓу традиција и импровизација. Во Србија, бонусите најчесто се присутни во ИТ-секторот и странските компании, додека во јавниот сектор се реткост. Слична е сликата и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што празничните награди се селективни и често симболични.

    Во Македонија, ситуацијата е најјасна. Нема законска обврска за божиќница, нема 13-та плата, а новогодишните бонуси се доброволна одлука на работодавачот, единствена законска обврска кон крајот на годината е регресот за годишен одмор (К-15). Во пракса, приватниот сектор, особено ИТ-компаниите, банкaрството и странските фирми, понекогаш исплаќа новогодишни бонуси, додека јавниот сектор ја нема оваа пракса.

    На крајот, божиќниот бонус не е само бројка на сметката. Тој е сигнал, порака за вреднување и показател за економската култура. Некаде е право, некаде традиција, а некаде луксуз, но прашањето „ќе има ли нешто под елката?“ останува најтивкото и најгласното прашање во секоја канцеларија.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично