Жито маркети (Жито ДООЕЛ Велес) претставува исклучително значаен субјект на македонската малопродажна сцена, особено имајќи го предвид нивниот развоен пат од мал маалски дуќан до мрежа со повеќе од 70 супермаркети во 20 градови низ Македонија. Основата на оваа компанија ја сочинува семејството Ѓошевски, кое низ децениите успеало да ја претвори визијата за семеен бизнис во етаблиран бренд. Но, колку и да е инспиративна историјата, финансиските бројки за последните години нудат уште подлабоко разбирање за предизвиците и стратегиските насоки на компанијата. Во претходната анализа на порталот Пари, каде што го анализиравме успехот на трговците од малопродажбата – Жито Велес не беше застапен поради тоа што го немаше неговиот финансиски извештај за 2024 година.
Прометот на големо, профитот на мало: Десет маркети со ќар од 30,8 милиони евра
Според податоците на Бизнис мрежа кои ги анализираше Пари, приходите на Жито Велес од 2021 до 2024 година бележат јасно изразен тренд на континуиран раст. Во 2021 година компанијата остварила 58,4 милиони евра, додека во 2024 оваа бројка достигнува 78,8 милиони евра. Тоа претставува зголемување од над 35 проценти за период од четири години. Само лани, споредено со преклани, приходите пораснале за 13,5 насто, што ја прави 2024 година најдинамична во однос на растот.
Извор: Бизнис Мрежа
Во споредба со другите маркети од претходната анализа на Пари, Жито Велес, со своите 78,8 милиони евра, би се позиционирал на седмото место по приход, веднаш под Кит-го (86,6 милиони) и над Рамстор (64,8 милиони). Тоа го прави дел од топ 10 трговските синџири во Македонија според обрт, иако е во долната половина од листата.
Додека приходите сугерираат успех, профитабилноста на компанијата покажува сосема поинаква слика. Во 2024 година нето-добивката изнесува едвај 15,9 илјади евра, што претставува драматичен пад во однос на претходните години. Овој негативен тренд започнува уште од 2021 година, кога добивката изнесувала 1,1 милион евра. Во 2022 година се забележува драстично намалување на 340 илјади евра, кое продолжува во 2023 со дополнително опаѓање на профитот – на само 196,6 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Жито Велес има најниска добивка од сите анализирани компании во 2024 година. За споредба, Веро е на прво место со остварените 9,9 милиони евра, додека на најмалку профитабилниот Зур со 474 илјади евра му припаѓа десеттото место.
Промените во бројот на вработени во истиот период дополнително ја нијансираат сликата. Во 2021 година Жито Велес броел 891 вработен, но во следните две години тој број опаѓа – најпрво на 837, а потоа и на 773 во 2023 година. Сепак, во 2024 година се забележува повторен раст – на 839 лица. Враќањето кон претходните нивоа на вработеност е можеби обид да се стабилизираат внатрешните процеси по период на кратење и прилагодување.
Извор: Бизнис Мрежа
Во поглед на примањата, просечната плата по вработен во 2023 година изнесувала 472 евра, додека во 2024 година се зголемила на 517 евра. Ова е зголемување од речиси 10 насто, што покажува дека, и покрај намалувањето на добивката, компанијата вложува во задржување и мотивирање на кадарот.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.