Платежните картички можеби сѐ уште не го даваат чувството на сигурност како што е моќта на готовината, но неспорно е дека имаат сѐ поголема улога во платниот систем и во секојдневните финансиски трансакции. Податоците од Народната банка за движењата во оваа област упатуваат на континуиран раст проследен со продор на нови технологии, што ги олеснува плаќањата и ги прави возможни од секое место и во секое време.
Пари направи споредба на состојбата – што покажуваат бројките забележани во платежната статистика за 2025 година во однос на 2024 година? Разликите не се драстични, но сепак се очигледни: „пластиката“ ги менува навиките на луѓето. Во оптек се 2.004.681 платежна картичка, што е за над 58 илјади или за 2,98 насто повеќе од претходно. Ако се пресмета по бројот на население, кој според последниот попис беше над 1,83 милиони, во просек секој жител има повеќе од една картичка (1,09). Или, секое домаќинство (над 598,6 илјади) располага со повеќе од три картички (3,35). Сепак, оваа пресметка не е целосно прецизна, бидејќи дел од картичките се издадени на правни лица.
Секако, најголемиот дел од картичките им припаѓаат на граѓаните – 1.940.904, а ги следи раст од 2,69 насто. Зголемувањето е посилно (+ 12,81 %) на страната на фирмите, каде што се користат 63.777 картички. Патем, доминираат картичките виза (1.160.121), а зад нив се мастеркард (807.640).

Кај картичките со готовинска функција, бројот достигнува 1.991.181 и е за 2,90 насто поголем во однос на крајот од 2024 година. Кај граѓаните растот е 2,60 насто (1.927.423), а кај компаниите 12,85 насто (63.758).
Картичките со платежна функција (без електронски пари) бележат раст од 3,12 насто. Минатата година во употреба биле 1.987.739. Во оваа категорија, имателите – физичките лица станале побројни за 2,83 насто (1.924.271), а правните за 12,73 насто (63.468). Внатрешната структура открива важен тренд – дебитните се во подем за сметка на кредитните картички. Впрочем, тоа веќе извесно време се потврдува и преку месечните информации од НБРСМ за монетарните движења, во кои е присутен трендот на пад кај задолженоста на граѓаните по основ на кредитните картички. На пример, во февруари годишната промена беше минус 5,1 насто.

Во функција се 1.722.740 дебитни картички (+ 4,31 %). Во тие рамки, забележлив е напредокот кај компаниите – поголем за 15,06 насто, а кај граѓаните за 3,98 насто. Сепак, 1.667.505 картички им припаѓаат на физичките, а 55.235 на правните лица.
Што се однесува до картичките со функција на кредитирање кога корисникот е во „тесно“ за пари, има пад од 4 насто. Сведени се на 264.999, со намалување и кај физичките лица (– 4,10 %) кои располагаат со 256.766; и кај правните лица (– 0,78 % и 8.233 картички.). Ова укажува на поголема ориентација кон плаќања со сопствени средства, наместо задолжување.

Најголемите поместувања се поттикнати од новите технологии. Картичките што овозможуваат мобилни плаќања се побројни за дури 120,27 насто и веќе ги има 290.202. Од своја страна, тоа упатува на забрзана дигитална трансформација на плаќањата.
Истовремено, бројот на бесконтактните картички е зголемен за 3,22 насто и на крајот од минатата година достигнувал 1.961.662. Ваквиот начин на плаќање, се чини, веќе е прифатен како стандард.

Овој раст го следат и банките и трговците, кои ја надградуваат и прошируваат неопходната инфраструктура. Бројот на банкомати (АТМ) е зголемен за 8,74 насто и низ државата се распоредени 1.132. Притоа, сè повеќе уреди нудат дополнителни функции, како внесување готовина (449), кредитни трансфери (541) и бесконтактно плаќање (664).
Годишната промена кај ПОС-терминалите е плус 3,53 насто, односно функционираат 36.095. Меѓу нив 35.061 прифаќаат бесконтактни платежни трансакции, а 228 се терминалски уреди за самостојно вршење на плаќањата.
Онлајн купувањата се исто така во залет. Минатата година местата за е-трговија се зголемиле за 11,11 насто. Регистрирани се 2.240, наспроти евидентираните 2.016 на крајот од 2024 година.

Ползата од примената на платежните картички е повеќекратна. Со зголемувањето на нивниот број се олеснува безготовинското плаќање, се зголемува транспарентноста на трансакциите и директно се придонесува кон сузбивање на сивата економија. Сепак, кешот не може и не треба сосем да се отфрли.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








