Купувачите во супермаркет на авенијата Руа Боливар во Рио де Жанеиро во последните неколку недели со изненадување забележуваат дека плаќаат значително помалку за кафе и месо. „Конечно, добри вести во овие тешки времиња“, вели Жулиен Фреитас, една од купувачките, во разговор за Дојче веле. Нејзиното искуство не е изолиран случај, туку е потврдено со неодамнешната анкета на бразилскиот Меѓусиндикален оддел за статистика и социо-економски студии (DIEESE), спроведена во соработка со владината агенција CONAB. Истражувањето покажало дека во август цените на храната се намалиле во 24 од 27-те регионални државни престолнини во Бразил во споредба со јули, а основни производи како домати, ориз, месо и кафе станаа поевтини.
Дел од падот на цените се должи на природните земјоделски циклуси. „Кафето имаше силна жетва, што ја зголеми понудата и ги намали цените. Кај говедското месо, циклусот на добиток е во фаза со многу говеда подготвени за гоење, што домашниот пазар сега го чувствува“, објаснува Леандро Диас од платформата „АгроДери“ во Сао Паоло. Тој додава дека улога имаат и новите американски царини од 50%, воведени претходно оваа година од страна на претседателот Доналд Трамп. Ваквите мерки обично предизвикуваат инфлација на домашните пазари и забавување на конкурентноста во странство. Но во случајот со Бразил, намалената можност за извоз кон САД доведе до зголемена понуда на домашниот пазар и пад на цените.
Економистот Даглас Еустакио од „Групо Ботикарио“ истакнува дека царините ја преобликувале рамнотежата на понудата и побарувачката. Производите што биле делумно или целосно наменети за американскиот пазар сега остануваат во земјата и го снабдуваат локалниот пазар. „Цените на говедското месо се прилагодуваат побавно, но и таму веќе има тренд на опаѓање“, нагласува тој.
Американските казнени царини се воведени во контекст на судењето на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кој неодамна беше осуден од Врховниот суд на 27 години затвор за обид за државен удар. Вашингтон ги оправда мерките со загриженоста за потиснување на опозицијата и слободата на изразување во Бразил. Сепак, владата во Бразил инсистира дека судството е независно, а актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва ги критикуваше царините како неправедни, посочувајќи дека САД веќе имаат трговски суфицит со Бразил.
Меѓу јануари и јули 2025 година, бразилскиот извоз во САД достигнал рекордни 23,7 милијарди долари, додека увозот пораснал за 12,6% и изнесувал 26 милијарди долари. Со тоа, американскиот трговски суфицит со Бразил изнесувал 2,3 милијарди долари.
Слична состојба со пад на цените на храната моментално се забележува и во Мексико, каде доматите станаа значително поевтини. „Производителите од северот на земјата наместо да извезуваат во САД, продаваат на домашниот пазар, што ја намалува цената“, изјави за медиумската група Миленио Хавиер Рејес Ескамиља, претседател на Здружението на добиток на Средносеверниот регион на државата Мексико.
Иако потрошувачите во земјите производители краткорочно имаат корист од поевтината храна, експертите предупредуваат на долгорочни ризици. „Ако производителите изгубат пристап до важен пазар како американскиот, тие повеќе немаат стимул да инвестираат. Тоа значи помалку технологија, помала продуктивност и можни загуби во квалитетот“, предупредува економистката Дирлен Силва. Според неа, тоа на крајот може да доведе до намалување на производството и нов пораст на цените, овојпат на штета на локалните потрошувачи во Бразил и пошироко.