И покрај вложените над 143 милиони евра јавни средства, трите магистрални гасоводи во државата сè уште не се ставени во употреба, а финансиското и управувачкото работење на АД Номагас Скопје е обременето со сериозни неправилности. Ова е главниот заклучок од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година, со кој е изразено неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива.
Ревизорите нотираат слабости што директно можат да влијаат врз ликвидноста на друштвото, развојот на гасниот систем и трошењето на јавните пари, почнувајќи од нефункционална инфраструктура, преку погрешно евидентиран капитал, до неосновани исплати и сомнителни финансиски одлуки.
Што се однесува до трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1, ЛОТ 2 и ЛОТ 5), нивната вредност е 8,84 милијарди денари или над 143 милиони евра – без ДДВ.
„Иако се целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година, сѐ уште не се ставени во употреба“, констатираат државните ревизори.
Причините се нерешени имотно-правни односи, проблеми со експропријација и долгогодишни административни пролонгирања, што резултирале со тоа јавната инвестиција да не дава никаква економска корист.
„Причините за ваквата состојба се нерешени имотно-правни односи при експропријација на земјиштето и пролонгирања кои потекнуваат од роковите за одобрување на измени во тек на градба во минатиот период, кое во исто време влијае тие сѐ уште да не се ставени во употреба“, се вели во ревизорскиот извештај.
Номагас располага со имотни листови за главниот магистрален гасовод Деве Баир–Скопје, но 78 придружни објекти (мерни, регулациони и чистачки станици) немаат утврден правен статус.
„До завршување на ревизијата, друштвото нема добиено решенија за ниту една од започнатите 78 постапки за легализација“, наведуваат ревизорите.
Дел од овие објекти се изградени уште пред повеќе од 25 години, но никогаш не биле впишани во Катастар, што претставува сериозен институционален пропуст.
И покрај обидите за јавно-приватно партнерство, државата и натаму нема оператор за дистрибуција на природен гас. Постапката започната во 2019 година е поништена во август 2024 година.
Дополнително, до крајот на 2024 година Номагас нема усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа (2024–2035) што, според ДЗР, ја доведува во прашање динамиката и квалитетот на развојот на гасниот систем.
Ревизијата утврдила и сериозна разлика во вредноста на капиталот: во деловните книги е заведен износ од 58,3 милиони евра, а проценката е 86,4 милиони евра. Разликата од 28,1 милион евра произлегува од неевидентирана проценка при основањето на Номагас, иако капиталот на АД ГА-МА бил проценет од 37,4 на 65,5 милиони евра.
„Со ревизијата е утврдено дека во трговските книги на Номагас АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и е за 28,1 милион евра помал во однос на извршената проценка. Со тоа и во Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Северна Македонија впишана е помала вредност на основната главнина. Оваа разлика потекнува од крајот на 2022 година, со самото основање на Номагас АД Скопје, преку спојувањето на двете друштва АД НЕР и АД ГА-МА Скопје“, наведено е во извештајот, при што се нотира – „Проценката не била доставена до надлежните лица и сметководствено не е евидентирана“.
На крајот од минатата година залихите на Номагас изнесуваат 264,2 милиони денари, од кои над 80 отсто се набавени пред 2019 година, дел се потенцијално застарени и неупотребливи. Особено проблематични се тие од 98,3 милиони денари, набавени за проект кој никогаш не бил реализиран – затворање на гасоводниот прстен околу Скопје.
Номагас исплатил 44,6 милиони денари надомест за неутралност на шест балансно одговорни страни, иако во 2023 година постоеле само четири балансни групи.
„Неосновано се вклучени две правни лица – едното не било БОС, а другото воопшто не било член на балансна група“, утврдува ДЗР.
Исто така, друштвото орочило 20 милиони денари со каматна стапка од 0,30 проценти без одлука на Одборот на директори, и покрај тоа што имало неплатени заеми. Во 2024 година по оваа основа остварен е приход од само 65 илјади денари.
„Се доведува во прашање исправноста и економскиот ефект од ваквата одлука“, предупредуваат ревизорите.
Номагас дал краткорочен заем од 75 милиони денари на АД Пошта на Северна Македонија. До мај годинава вратени се само 2 милиони денари, односно 2,5 отсто од износот.
Ревизорите оценуваат дека ваквите активности, кои не се дел од основната дејност, го зголемуваат ризикот по ликвидноста и профитабилноста.
Ревизорскиот извештај за Номагас открива системски слабости во управувањето, финансиската дисциплина и планирањето, со директни последици врз јавните финансии и енергетската безбедност.
И покрај стотиците милиони евра вложени во гасификација, државата сè уште нема функционален систем, а ДЗР предупредува дека без итно постапување по дадените препораки, ризиците ќе продолжат да се акумулираат – на товар на граѓаните и на буџетот.
Аналитика








