Соодветното управување со финансии е потребно за да се избегнат можни финансиски проблеми во иднина. При управување со личните финансии целта е да се овозможи непречено финансирање на вашите потреби. При несоодветно управување со финансиите лицето може да се најде во ситуации кога има превисоко ниво на долг, несоодветно трошење на парите, немање на доволно средства за „црни денови“ или пак недостаток на средства за пензионерските денови. Меѓутоа, еден од поважните проблеми при управување со личните финансии е недостаток на соодветно знаење. Од таа причина, граѓаните во развиените економии имаат на располагање компании и професионалци кои нудат советодавни услуги и услуги за управување со финансиските средства. Лицата кои нудат ваков вид на услуги се нарекуваат финансиски советници.
Дали имате доволно знаење да управувате со вашите финансии?
Мислењето дека под управување со финансии се подразбира да се заработат пари и истите да се потрошат е сосем погрешно. Управувањето со личните финансии се однесува на процесот на управување со приходите, управување со трошоците, процес на дефинирање на буџет, процес на штедење и процесот на инвестирање. Сите овие процеси имаат за цел да овозможат подобрување на животниот стил. Исто така, управување со личните финансии може да овозможи и финансирање на поголеми капитални купувања без драстични промени во животните навики.
Незнаењето или недоволната информираност може да доведе до погрешно управување со личните финансии. Погрешното управување со парите може да предизвика финансиски потешкотии во иднина. На пример, може да се случи да се подигне погрешен кредит или пак да се купи некој производи кој реално не можеме да си го дозволиме.
Која е улогата на финансискиот советник при управувањето со финансиите?
Финансиски советник е лице кое нуди совети за вашите финансии или лице кое управува со вашите финансии. Финансискиот советник дава совети во однос на вашето трошење, вашата заработка, штедењето и инвестирањето. Со други зборови финансискиот советник може да биде одговорен за креирањето на вашиот буџет и да ви помогне за полесно остварување на одредени цели. Доколку сакат да купите одредено добро кое е поскапо (кола, недвижнина, итн.) финансискиот советник би ви понудил можни начини за акумулирање на соодветното ниво на средства.
Доколку сакате да финансирате одредена активност финансискиот советник исто така може да понуди совети за изворите за финансирање. Имено, може да добиете совет за тоа кој би бил најдобар кредит согласно вашата ситуација или пак согласно целта за која ви се потребни пари.
За да може да одговори на потребите на клиентите, финансискиот советник има продлабочено знаење од областа на финансиите и е запознаен со финансиските производи и услуги. Преку своето знаење и искуство, финансискиот советник прави анализа на вашите приходи, вашите навики за трошење како и самиот животен стил. Врз основа на овие анализи и вашите планови во иднина, се изготвува план и буџет за управување со вашите финансии.
Финансискиот советник може да помогне да се избегнат непотребните трошења, избегнување прекумерно или непотребно задолжување, зголемување на нивото на заштеди и зголемување на пасивните приходи (дополнителни приходи од инвестирање).
Дали управувате соодветно со вашите лични финансии? Дали би ги користеле услугите на финансискиот советник? Дали би се придржувале кон насоките и препораките од финансискиот советник?
Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков
Повеќе текстови од авторот, [ тука ]