Од први февруари се олеснува протокот на возила и стоки кон и од Србија. Камионите со стока од компаниите кои со овој сосед имаат увозно-извозна соработка, од први февруари ќе се мерат само еднаш, а тоа важи и за транзитот на стоки низ териториите на двете држави. Постапката се поедноставува, а се смета дека ќе се намали и времето кое транспортерите го минуваат на граничните премини, со Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали, што го потпишаа во Ниш директорите на царинските управи на Македонија и на Србија, Стефан Богоев и Бранко Радујко.
„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле два пати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а со потпишување на денешниот Протокол за признавање на т.н кантарските белешки овие товарни возила ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе делува како партнер на бизнис заедницата, се со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели“, изјави Богоев.
Исто така, доколку наша компанија извезува во ЕУ, а транзитира низ Србија, белешката од мерењето што ќе ја добие на излез од Македонија ќе важи до влезот во земјата-членка на Унијата, со што ќе се заштедат и време и пари.
Воедно, Богоев посочи дека заклучно со ноември 2023 трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра. Извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин „Табановце“, на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.
Инаку, оваа активност се реализира во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.