ПОВЕЌЕ

    ПОСМРТНАТА ПОМОШ ЗГОЛЕМЕНА НА 40.000 ДЕНАРИ – Годинава уплатени 1,76, исплатени 8,38 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    За пет илјади денари е зголемен износот на посмртнината што ја добиваат семејствата на починатите корисници на пензија – од досегашните 35 илјади на 40 илјади денари. Зголемувањето се темели на корекцијата на месечната задршка за посмртна помош од пензиите, која од 140 се зголемува на 150 денари. Одлуката е донесена од регистрираната организација за Солидарен фонд, а потврдена од Управниот одбор на Фондот на ПИОМ.

    Целта на ова решение е одржување на финансиската стабилност на системот за солидарна поддршка на пензионерите и обезбедување поголема финансиска сигурност за семејствата на починатите корисници на пензија.

    Корекцијата, според пензионерските претставници, е неопходна за зачувување на ликвидноста на фондот. Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и член на Управниот одбор на ФПИОМ, Станка Трајкова, посочува дека бројот на пензионери е во пораст, па и минималното зголемување од десет денари по пензионер месечно генерира значајни дополнителни средства за Солидарниот фонд.

    На потребата од зголемување на посмртнината подолг период укажуваа пензионерите од одделни пензионерски здруженија. Тие посочуваа дека износот од 35 илјади денари повеќе не ги покрива основните погребни трошоци, па семејствата кои изгубиле близок член, покрај емотивниот товар, се соочуваат и со сериозен финансиски притисок. Дополнителен фактор е растот на цените на погребните услуги, особено во поголемите градски центри, под влијание на инфлациските движења.

    Уплатата во Солидарниот фонд е на доброволна основа и пензионерите не се обврзани да издвојуваат месечни средства за посмртна помош. Според податоците на ПИОМ за ноември, од вкупно 346.909 корисници на пензија, 327.749 дале согласност за задршка на средства.

    Во текот на ноември, во Солидарниот фонд се уплатени 9.923.280 денари (161,3 илјади евра). Истиот месец посмртнина е исплатена на 1.319 семејства во износ од 46.155.000 денари, односно 750,5 илјади евра.

    Во изминатите 11 месеци од годинава вкупно се уплатени 108.357.510 денари, или 1,76 милиони евра, додека исплатите достигнале 515.378.780 денари, што е противвредност од 8,38 милиони евра. Овие средства ги добиле 14.737 семејства на починати корисници на пензија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично