Португалија го забележа највисокиот раст на цените на недвижностите во Европската Унија во првата половина од 2025 година, со извонреден пораст од 15,2% на годишно ниво, што е далеку над просекот на ЕУ од 5,1%. Водени од постојаната побарувачка, ограничената понуда и силниот меѓународен интерес, вредностите на недвижностите се искачија на рекордни нивоа, ставајќи ја Португалија меѓу најбрзо растечките пазари на домување во Европската Унија.
Новата анализа на Property Market-Index, глобална фирма за истражување на луксузни недвижности, открива дека цените на недвижностите во Португалија значително се зголемиле во последните 12 месеци.
Земјата забележа најголемо зголемување на цените низ цела ЕУ, по што следуваат Бугарија (14,7%), Хрватска (13,1%), Шпанија (12,3%) и Словачка (12,2%).
КВАДРАТ И ДО 10 ИЛЈАДИ ЕВРА
Само во третиот квартал, обемот на инвестиции достигна 572 милиони евра, што е за 50% повеќе отколку во истиот период минатата година.
Инвестициите во комерцијални недвижности во Португалија достигнаа вкупно 1,8 милијарди евра до крајот на третиот квартал од 2025 година, што претставува зголемување од 60% во споредба со истиот период од претходната година, според извештајот на „Savills Market Outlook“ за третиот квартал од 2025 година.
Официјалните податоци откриваат силна нагорна траекторија на цените на станбените недвижности. Според Банката за меѓународни порамнувања и Националниот институт за статистика (INE) на Португалија, просечната цена по квадратен метар низ целата земја за прв пат надмина 2.000 евра, при што станови во Лисабон и Алгарве имаат многу повисоки вредности, кои достигнуваат и до 10 илјади евра за квадрат.
Притоа, просечната цена за станбен квадрат во поширокото подрачје на главниот град Лисабон, достигна приближно 3.058 евра/м² за станови, во популарното летувалиште Алгарве и други крајбрежни зони просечната цена за квадратен метар станбен простор изнесува околу 2.757 евра/м². додека пак национален медијан во 2025 година изнесувал нешто над 2.025 евра/м² за сите видови домување.
Според овие податоци, централните урбани области и главните крајбрежни дестинации доживеале најинтензивен ценовен притисок, додека повеќе внатрешни и периферни области остануваат релативно прифатливи, но исто така бележат брз раст.
Во главниот град на Португалија, цените достигнаа извонредни нивоа во однос на локалните приходи. Независните пазарни проценки покажуваат дека во средината на 2025 година просечните цени на станбените објекти во Лисабон се движеле помеѓу 5.000 и 6.425 евра по квадратен метар, при што главните населби значително го надминуваат ова.
Луксузните и новоградбите во области како што се Чијадо, Принсипе Реал и Авенида да Либердаде се тргуваат уште повисоко, често над 10.000 евра/м², споредливо со другите големи европски метрополи.
Во меѓувреме, градови како Порто и Фуншал на Мадеира, исто така, пријавуваат силна динамика на цените, со средни бројки обично во опсег од 3.000–4.000 евра/м². Помалите градови и внатрешните региони остануваат попристапни, со некои пазари под 1.600 евра/м² – но и тие забележаа значителен релативен раст.
ШАРМОТ НА ПОРТУГАЛИЈА ЈА ЗГОЛЕМИ ПОБАРУВАЧКАТА
Глобалната привлечност на Португалија како дестинација за животен стил – од плажите на Алгарве до историскиот шарм на Лисабон, привлекува меѓународни купувачи кои бараат куќи за одмор или имоти за инвестирање во изнајмување.
Според анализите, неколку фактори се причината што Португалија се најде на врвот на листата европски држави според растот на цените на недвижностите – хронична ограниченост на понудата, силна домашна и странска побарувачка, атрактивни услови за хипотеки, интензивен развој на туризмот и атрактивноста на државата за дигиталните номади.
Португалија се соочува со хроничен недостиг на станбен фонд, особено во урбаните и крајбрежните области со голема побарувачка. Регулаторните пречки и ограничената нова градба во централните зони го ограничија протокот на нови домови на пазарот, интензивирајќи ја конкуренцијата за постојните единици.
Пазарот на станбени недвижности во Португалија повеќе не е само домашна приказна – тој стана дел од пошироката европска нарација за недостиг на домување, пазарна понуда и социо-економски тензии.
Иако поголемиот дел од прометот на недвижности е од домашното население, странските купувачи стануваат се позначајна компонента, особено во сегментите од висока класа. Податоците од државната статистика на Португалија покажуваат дека странските купувачи имаат тенденција да плаќаат значително над просечните проценки, дополнително кревајќи ги цените на одредени, најчесто на полуксузни категории недвижнини – нагоре.
Поволните услови за финансирање од страна на домашните банки, заедно со можноста за капитални добивки, го охрабри континуираното купување, дури и во услови на зголемени цени. Пониските трошоци за задолжување во последните години помогнаа во одржувањето на побарувачката, велат аналитичарите.
Поради овие трендови, пак, за локалните домаќинства и купувачите кои купуваат за прв пат цените растат побрзо од приходите, нееднаквостите во пристапот до сопственост на дом се прошируваат. Младите семејства и поединци се селат се повеќе надвор од основните урбани пазари, што доведува до патување до работа од приградските или руралните зони и зголемена побарувачка за изнајмување станови.
Ј.Д.
(Фото: Koshelyev on the Portuguese Wikipedia)
Аналитика








