ПОВЕЌЕ

    ПОРАЗОТ НА ТРАМП – ПОЧЕТОК НА ПАДОТ НА МЕРКАНТИЛИЗМОТ?

    Време зa читање: 4 минути

    Автор: Стручен соработник на Пари
    Извор на илустрација: Freepik

    После 10-20 години, владеењето на Доналд Трамп во политичката историја ќе биде запеметено како неуспешен обид за воспоставување на економски систем кој ќе биде продолжение на меркантилизмот. Да беше некоја друга држава во прашање (пр. Русија, Индија, Кина) можеби ќе беше најуспешниот претседател, но во САД повеќе ќе се паметат неговите гафови отколку неговите политики. Од аспект на меркантилизмот како правец, ќе се обидеме да дадеме една историска паралела, ќе посветиме внимание на потезите на Трамп кои го приближуваа до меркантилизмот и на крај како тој правец се трансформирал и егзистира во 21-от век.

    Првите почетоци на меркантилизмот датираат од пред нешто повеќе од 500-тини години, кога европските морепловци почнаа масовно да откриваат нови светови, а со тоа и да отвараат пат за проширување на нивните домицилни колонии. Колонизаторите најчесто беа заинтересирани за носење на што е можно повеќе злато и сребро од освоените територии, ограничување на увозот (со цел да се спречи одливот на злато како парична единица) и максимално поддржување на домашната индустрија и извозот. За опстојување на таквата доктрина, голем удел имаше и војската, за чие адекватно екипирање и наоружување биле трошени значителни суми на средства. Во една таква протекционистичка атмосфера, голем број од државите богатството на нацијата го вреднувале според акумулираното злато, се додека Адам Смит во своето капитално дело „Богатството на народите” објаснува дека вистинското богатство може да се измери само доколку државата применува активна трговија. Смит, исто така, објаснува дека ваквиот пристап е неодржлив и дека истиот води кон намалување на растот на домашната економија, неминовно зголемување на даноците и на крај неконтролирано ниво на инфлација.

    И покрај сето ова економско познавање за негативните страни на меркантилизмот, сепак одлуката на Трамп беше да го применува ваквиот модел преку 3 клучни елементи:

    • Започнување на трговска војна со Кина. Во 2018 година Трамп изјави дека „Трговските војни се добри и лесно може да се добијат”. Таа војна се однсуваше на минимизирање на увозот на кинески производи и суровини, преку поставување големи царини и тарифи, а со тоа тие да бидат неатрактивни за американските потрошувачи.
    • Затварање на државните граници за имигрантите. Познати се неговите изјави дека ќе направи зид на границата со Мексико со цел мексиканците да бидат спречени во својата намера да се преселат во САД, а со тоа да им ги загрозат работните места на американците.
    • Зајакнување на армијата и продолжување со економската политика на печатење пари

    Се чини  ниското економско IQ и обидот за реактивирање на идеологии од 16 век се вистинската причина зошто Доналд Трамп нема да биде повеќе лидер на САД, а неговото време ќе биде одбележано како несериозен пристап кон глобализациските и демократските вредности на современото општество.

    Падот на Трамп нема да биде крај на меркантилизмот. Напротив, поединечни структури на оваа идеологија се повеќе добиваат на значење. Иако видот во кој се јавуваат е многу поразличен од она што историски е евидентирано, сепак основата е иста. Денес, меркантилизмот се процесира преку финансискиот свет. Таквиот прогрес се забележува преку еден од најбитните сегменти > Намалување на каматните стапки – Трендот на се пониски, па дури и негативни каматни стапки, проследени со се поголемиот државен и корпоративен долг, кој во голема мера е деноминиран во долари, укажуваат на фактот дека ниските каматни стапки имаат за цел да ја ослабнат нациналната валута и со тоа давајќи им предност на домашните економските ентитети во светската трговија, која е нарушена од тековната здравствена и економска криза.

    Единствениот реален исход од ваквиот нов меркантилизам ќе биде рецесија, состојба во која негативниот предзнак на економската активност ќе биде основен показател и која за жал ние како држава официјално ја констатиравме.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично