ПОВЕЌЕ

    ПОПУЛАРНИОТ ГРЧКИ ОСТРОВ – ЖРТВА НА ПРЕКУМЕРНИОТ ТУРИЗАМ: Локалците дома за да можат посетителите да прават селфиња со залезот над Санторини

    Време зa читање: 6 минути

    Иако има околу 15.500 жители, грчкиот остров Санторини во шпицот на туристичката сезона пречекува и повеќе од десетина илјади туристи во еден ден, а тоа го прави животот на локалните жители речиси неподносливо. Главните гужви се создаваат кога еден или повеќе бродови за крстарење истовремено ќе ги истоварат своите повеќеилјадни групи патници кои поминуваат неколку часа во разгледувањето на островот.

    Откако пред неколку дена дури седум бродови за крстарење пристанаа одеднаш и од нив се истоварија над 14.000 патници, се создаде застој во движењето по стрмните улички на островот со стотици скали, по кои туристите се искачуваат за да стасаат до популарните видиковци од кои го набљудуваат залезот на сонцето.

    Cruisecritic, компанија Tripadvisor, вели дека до седум бродови за крстарење можат истовремено да се вкотват на островот, што значи дека тие би можеле да донесат над 14.000 патници доколку се со полн капацитет.

    Бродовите за крстарење „му прават многу штета на островот“, рече Шантал Метакидес, Белгијка која на Санторини живее веќе 26 години.
    „Кога има осум или девет бродови кои испуштаат чад, можете да го видите слојот на загадување во калдерата“, рече таа.

    Шокантните слики од живописниот остров оваа недела покажуваат масите туристи кои чекаат во редица на тесните патеки покрај белите згради со познатите светло сини куполи за  да направат најдобри снимки од одморот. Редот за да се стигне до видиковецот во селото Оја на врвот на карпата сега може да трае повеќе од 20 минути.

    Турканиците кои станаа секојдневие ги натераа локалните власти на Санторини да размислуваат за ограничувања и контрола на масовните туристички посети, бидејќи уникатниот пејзаж не треба дополнително да се развива, според градоначалникот. Санторини е клучна станица на грчкото искуство со крстарење. Но, со оглед на тоа што делови од островот се ближат до заситеност, властите размислуваат за ограничувања.

    Малиот остров, кој е една од најпосетуваните туристички атракции во Грција.Од рекордните 32,7 милиони луѓе кои ја посетиле Грција минатата година, околу 3,4 милиони, или еден од 10, отишле на островот .

    „Треба да поставиме граници ако не сакаме да потонеме под туризам“, рече градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос. „Не смее да има ниту еден дополнителен кревет… без разлика дали се работи за големи хотели или за изнајмување на Airbnb“, додаде тој.

    Во јуни, премиерот Киријакос Мицотакис ја истакна можноста за ограничување на пристигнувањето на крстаречките бродови на најпопуларните острови во Грција.

    „Мислам дека ќе го направиме тоа следната година“, изјави тој за Блумберг, истакнувајќи дека Санторини и туристичкиот магнет Миконос „очигледно страдаат“.

    Високите грчки официјални претставници разговараа за ограничување на крстарењата до островот, бидејќи наметнувањето ограничувања за пристигнувањето на крстарењата е предизвик оваа година, но се прават напори да се намалат деновите на шпиц и да се регулира туризмот за крстарење преку мерки како изградба на ново пристаниште и подобри регулативи.

    Слични ограничувања за масовниот туризам се разгледуваат и во другите делови на Европа, при што се дискутираат мерки како ограничување на туристичките групи во Венеција и потенцијално забрана за изнајмување на Airbnb во Барселона.

    Во обид да им ги олесни маките на своите сограѓани во екот на туристичката наезда претставник на локалните власти на Санторини го навлече нивниот гнев кога им порача на жителите да останат дома бидејќи рекорден број туристи се спуштија на грчкиот остров. Советникот Панос Каваларис ги повика жителите во оттогаш избришаната објава на Фејсбук да останат дома и да ги избегнуваат масите туристи кои властите се очекуваат да пристигнат на островот за време на шпицот на празничната сезона во последните неколку дена.

    „Претстои уште еден тежок ден за нашиот град и остров со пристигнувањето на 17.000 посетители од бродовите за крстарење. Бараме внимание: ограничете ги вашите движења што е можно повеќе“, рече Каваларис, но објавата брзо предизвика бес кај локалното население.

    Жителите го критикуваа барањето на советникот, а еден коментираше на социјалните мрежи: „[Тој] официјално бара од локалните жители да се заклучат дома, за туристите да можат слободно да талкаат наоколу. Прекрасно.’

    ЛИФО, популарен грчки весник, рече дека иако соопштението на Каваларис е направено „со најдобра намера“, јасно е дека ситуацијата во Санторини во однос на бројот на туристи кои доаѓаат на островот излегува од контрола. За многумина вешти локални претприемачи, кикладскиот остров е вистински извор на заработка од туристите, кои му аплаудираат на секое зајдисонце додека сликаат селфиња со познатите пејсажи на островот.

    „Ова е мојот сон уште од средно училиште“, изјави американската туристка Марија Таварез (40).

    Но, за многу од 20.000 постојани жители на Санторини, некогашниот идиличен остров со автентични села и недопрени плажи е уништен од масовниот туризам.

    Не се ретки реакциите на жителите кои поставаат табли со кои ги повикуваат посетителите да го почитуваат нивниот дом. „РЕСПЕКТ… Ова е ваш годишен одмор… но ова е наш дом“, гласеше виолетовиот знак од групата „Спаси ја Оја“.

    Друг локал го опиша Санторини како „Хаваите на Европа“, а трет додаде на социјалните мрежи: „Многу ми е мило што не сум на островот во моментов“.

    Обликуван од вулканска ерупција пред 3.600 години, пејзажот на Санторини е „уникатен“, рече градоначалникот и „не треба да биде оштетен од новата инфраструктура“. Околу една петтина од островот моментално е окупирана од згради. На самите рабови на карпите, огромен број базени и џакузи покажуваат дека Санторини е исто така скапа дестинација.

    Локалните власти на Санторини за следната година поставија лимит од 8.000 патници кои доаѓаат со крузери, дневно. Но, не се согласуваат сите локални оператори. Андонис Пагонис, шеф на здружението на хотелиери во Санторини, верува дека подоброто управување со протокот на посетители е дел од решението.

    „Не е можно да има во понеделник, на пример, од 20 до 25.000 гости од бродовите за крстарење, а следниот ден нула“, рече тој.

    За некои на Санторини, повеќе посетители е добра вест.

    „Сè се може кога има планирање и инфраструктура“, рече Александрос Пелеканос, потпретседател на трговската асоцијација на островот. „Дали сакаме пари или не? Дали сакаме да имаме работа и приходи или не?“, прашува тој. „Не можете да го имате вашиот мир и тишина и во исто време да заработувате пари“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично