„Тотал Инженеринг“ на Вице Заев е единствениот сопственик на „Герас Цунев“ – и на конфекција и на трговија. Успешни се понудите за преземање на двете целни друштва, оцени и соопшти Комисијата за хартии од вредност.
„На седницата што се одржа на 10 јануари 2025 година, Комисијата донесе Решение со кое се утврдува за успешна понудата за преземање на акции издадени од Герас Цунев Конфекција АД Струмица дадена од преземачот ДГИ Тотал Инженеринг ДООЕЛ Струмица. Понудата за преземање е прифатена од страна на 2 сопственика на акции со право на глас кои поседуваат 16.258 обични акции со право на глас издадени од Герас Цунев Конфекција АД Струмица кои беа предмет на понудата што претставува 23,91% од вкупниот број на издадени акции со право на глас“, се вели во објавата на КХВ.
Исто решение со кое се утврдува успешноста на понудата има и за „Герас Цунев трговија“. И овде се наведува дека понудата за преземање е прифатена од двајца акционери со „16.385 обични акции со право на глас кои беа предмет на понудата за преземање што претставува 23,86% од вкупниот број на издадени акции со право на глас“.
Извесно време пред да ги даде понудите со цена од 310 денари за акција, „Тотал инженеринг“ стана мнозински сопственик во овие две друштва – со 73,25 проценти во трговија и 73,3 проценти во конфекција.
Во понудите не беше утврдена минималната количина преземени акции потребна за понудата да се смета за успешна. Беше предвидено преземање на 18.151 обична акција со право на глас од „Герас Цунев конфекција“ и на 18.373 акции издадени од „Герас Цунев трговија“.
Овие две целни друштва од 30 мај 2022 година се на берзанската листа за набљудување. По промените што настанаа во сопственичката структура и по најавеното преземање, Македонска берза на 25 октомври ја прошири основата за „обрнување внимание“.
Што се однесува до резултатите од нивното работење, во трите минатогодишни квартали делот конфекција има остварено добивка од 720 илјади денари, а трговија – загуба од 921 илјада денари.