ПОВЕЌЕ

    Пониква – центар за рехабилитација по трагедијата во Кочани

    Време зa читање: 4 минути

    Пониква на Осоговските Планини ќе биде рехабилитационо уточиште на повредените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Одлуката одморалиштето на МВР, да се отстапи во полза на настраданите, меѓу кои повеќето се со сериозни изгореници, ќе се официјализира неделава на владина седница. А, веќе од денес е во функција телефонскиот број 070/355-526. Наменет за директна комуникација на повредените или нивните семејствата со канцеларијата на премиерот. Линијата е воспоставена за да се слушнат нивните потреби, барања и предлози – што би можело да се преземе за да им се помогне.

    „Наш приоритет е повредените од кочанската трагедија да добијат соодветна медицинска нега и целосна рехабилитација, за да можат да продолжат со животот понатаму. Токму поради тоа, на владина седница ќе се донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи ќе се отстапи за потребите на Министерството за здравство, односно за пациентите кои веќе се во стабилна состојба, но имаат потреба од понатамошен третман“, информираат од владината прес-служба.

    Од Кочани до Пониква оддалеченоста е дваесеттина километри. Се наоѓа на надморска височина од 1.560 метри, во предел со густа букова шума и разновидна вегетација. Тој мирен природен амбиент е погоден за физикална терапија и психолошка поддршка. А, како што соопшти владината портпаролка Марија Митева, во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.

    Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија. Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување“, посочи Митева.

    Пациентите ќе бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, со што ќе се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, согласно лекарските препораки.

    Освен медицинската грижа, овој пристап носи и психолошки и социјален аспект. Се смета дека престојот на Пониква ќе придонесе за меѓусебна поддршка на пациентите и за подобрување на нивната психо-емоционална состојба.

    „Особено важно е да се нагласи дека, според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување“, ги образложи Митева мотивите поради кои одморалиштето на Пониква е избрано како најсоодветно за повредените.

    Откако ќе завршат сите процедури, во догледно време ќе се пристапи кон сместување на пациентите и спроведувањето на терапиите неопходните.

    За хуманиот гест на Владата, портпаролката Митева рече:

    „Оваа мерка е институционален одговор, израз на одговорност и посветеност кон секој поединец. Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето, затоа како Влада ќе продолжиме да делуваме одлучно, организирано и со целосна грижа кон пациентите“.

    Билансот на големата трагедија што се случи на 16 март во Кочани беше 62 загинати и над 200 повредени. Најголемиот дел од нив беа испратени на лекување во странство, но потребен е долг период додека се дојде до целосно опоравување и заздравување. Во тек е обемна истрага за случајот, во која досега се опфатени 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Се уште се прибираат докази за 14 полициски службеници.

    Секоја сабота во Кочани се одржува „Марш на ангелите“, организиран од родителите и семејствата на загинетите млади лица, со порака – „Стоп на криминалот, корупцијата и насилството“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично