За една година бројот на работниците во индустријата е намален за 2,6 отсто. Најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика се однесуваат за август.
Пред се, тоа е резултат од надолните движења забележани во три сектори. Најголемата стапка од минус 2,7 отсто е во преработувачката индустрија. Следи рударство и вадење на камен, каде што негативната промена е 1,7 проценти, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,6 отсто.
Според главните индустриски групи, пак, бројот на работниците во индустријата се намалил во енергија за 1,8 %; капитални производи за 7,1 % и во нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,2 %.
Зголемување на вработените има во групите трајни производи за широка потрошувачка – за 7,3, како и во интермедијарни производи, освен енергија за еден насто.
Статистиката покажува и дека за осум месеци, од јануари до август, бројноста на работниците во индустријата е намалена за 3,8 отсто на годишно ниво.