Месечен надомест во нето износ од 155.000 денари е утврден за претседателот на Одборот на директори на Македонски Телеком АД – Скопје.
Одлуката за определување нов месечен надомест донесена на Собранието на акционери, кое се одржа на 21 овој месец, е објавена на Македонска берза, согласно Правилата за котација:
„Собранието на Друштвото определува нов месечен надоместок на Претседателот на Одборот на директори во нето износ од 155.000,00 денари“, се вели во одлуката, каде што се наведува и тоа дека надоместот за останатите членови, утврден во 2018 година, останува непроменет.
Игор Милев, првиот човек на Одборот, е наследник на Зоран Китанов, кој се повлече од оваа позиција. Како неизвршен член е избор на Владата, која поседува 34,81 отсто во компанијата и златна акција.
Инаку, според официјалните податоци за исплатените надоместоци, Китанов месечно добивал нето-износ од 372.000 денари.
Што се однесува до другите месечни исплати, неизвршниот член Садула Дураки како заменик на претседателот прима 93.000 денари, а неизвршните членови Нина Ангеловска и Бардул Насуфи, како и независните Шкодране Дарлишта и Аќиф Медиу, примааат по 62.000 денари.