Никола Поповски, поранешниот министер за финансии и универзитетски професор вели дека Владата свесно ја жртвува својата репутација со Бехтел и Енка, суспендирајќи го правниот поредок со менување дузина закони во приватна корист.
Иако има обиди да се ограничи глобалната улога на доларот како валута со која се плаќа во меѓународната трговија, според универзитетскиот професор Никола Поповски, кој во моментов е неизвршен член на Советот на Народната банка, а поранешен министер за финансии и екс-претседател на Собранието, скоро невозможна ќе биде „дедоларизацијата“.
Никола Поповски, универзитетски професор
„Има дедоларизација како процес, но тој не може апсолутно да предизвика големи, во еден подолг период промени“
Тој во поткастот „Каде се парите?“ во продукција на Пари, своето тврдење дека доларот уште долго време ќе биде главна светска валута го поткрепи со податоците дека една петтина од светската економија или 21 отсто е американската. Тој смета дека моќта на економијата на Соединетите Американски Држави, иако е концентрирана на услужни дејности, а не на производство на кое отпаѓа само 10 отсто од бруто домашниот производ, ја има клучната алатка со која и натаму доларот ќе биде доминантен.
Никола Поповски, универзитетски професор
„Американската економија е таа што зрачи концентрични кругови околу себе во најважните делови на економијата. Во финансискиот дел, во иновативниот дел. Значи ние денеска еве ја живееме четвртата технолошка револуција која во основа се потпира на американските пронајдоци. И тие љубоморно ги чуваат. Кога беше почетокот на трговската војна со Кина тие престанаа да испорачуваат чипови, цел свет го почувствува тоа, до ден денес се чувствува тоа…“
Поповски во поткастот додаде и дека САД, чија економија е 23 трилиони долари (23.000 милјарди долари, а македонската околу 14 милијарди) веќе успева освен што е технолошки и финансиски извозник, да извезува и дел од услугите како што се здравствените и образовните.
Тој се осврна и на случајот со Бехтел – Енка каде што оваа компанија од Македонија ќе добие 1,3 милијарди евра за да ги изгради коридорите 8 и 10д. За него, целата постапка е нетранспарентна и се суспендира добар дел од правниот поредок на земјава со менување на дузина закони во корист на оваа голема меѓународна компанија. Тој смета дека договорот со компанијата е затоа што избравме стратешко партнерство со САД.
Никола Поповски, универзитетски професор
„Македонија веќе 25 години, значи не триесет и две – три, 25 години отприлика, постојано се изјаснува горе доле консензуално, освен некои помали партии кои никогаш не се во ситуација да ја водат државната политика, дека нас Америка ни е стратешки партнер. Но, тоа, еве ќе бидам слободен да кажам, не е правата дефиниција. Ние со Америка не сме партнери туку ние ја избравме како стратешки тутор. Да речеме во позитивна смисла на зборот, не во негативна, во латинското значење тутор“
Ова значи, според Поповски, дека војната во Украина и ја диктира на САД потребата од брзо решавање на нејзините стратешки цели како што е поврзување на Црното Море со Јадранот преку копнена врска и дека можеби во позадина на договорот стојат големи работи кои што Владата не смее да ги открие на јавноста.
Никола Поповски, универзитетски професор
„Тој тутор ни се наоѓа и во добро и во зло и тој тутор има свои потреби. Претпоставувам дека владата е изложена на некои од таквите притисоци кои не може да ги соопшти во јавноста и има аргументи кои не ги соопштува во јавноста и мора да се држи на овие три – четири кои се кревки, кои се неиздржливи. Обично жртвува кралица или топ за да добие партија во тоа да речеме стратешко партнерство. Иако американската амбасада даде соопштение дека се одвојува, дека не влијае никако, она ги штити интересите, но ова е со приватна компанија. Треба да се има во предвид дека ваквото врзување, дека практично најголем дел од правниот поредок е урнат во областа во кој сега зборуваме, ја тера владата да размислува поинаку. Веројатно владата тоа не може да го соопшти и сега се жртвуваат себе си, во името на тоа. Инаку без ваквиот пристап, проектот личи дека е апсурден, без овој пристап што го зборувам сега, е апсурден“.
Тој додаде и дека некои министри претерано уживаат во проектов што дополнително ја иритира јавноста.
Во поткастот „Каде се парите?“ Поповски зборуваше и за капацитетот за преговори на Македонија со Европската Унија, истакнувајќи дека не му е јасно како ќе преговараме кога дел од министрите кои иако се школувани надвор од земјава, пред се во западните земји, со своите настапи за време на енергетската криза и проблемите со инфлацијата, демонстрирале разбирање на економијата како во време на социјализмот.
Никола Поповски, универзитетски професор
„Имаме дискусии, бевме ние кај увозниците ги проверивме фактурите, видовме дека од Турција го увезле по 50 денари, а тука го продаваат трипати поскапо. И? И што. Пазарната економија не се бави со тоа. Таа ги насочува ресурсите каде што пазарните цени се високи и многу повисоки од трошоците, да инвестираат сите и на тој начин да ги спуштат цените и таа така функционира.“
Поповски зборуваше и за спојувањето на историјата со други предмети, појаснувајќи дека во овие услови, историјата не само што треба да остане посебен предмет, туку и да се засили нејзиното изучување.
Поткастот со Никола Поповски се емитуваше на 29.04.2023 година на Јутјуб каналот на Пари.
Поткастите ќе се емитуваат на секои две недели, секоја сабота во 22 часот.
Новинар и водител: Горан Теменугов