Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа, на крајот од минатата година имале 1.458.377 претплатници, покажуваат податоците на Агенцијата за електронски комуникации. Најголем удел во бројот на претплатници со 48,66 проценти има А1 Македонија, по што следат Македонски телеком со 47,50, Лајкамобајл со 2,05, Роби со 1,64, Греен мобиле со 0,12 и МТЕЛ со 0,03 отсто.
Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во тој период достигна 1.932.871. Од нив, 739.078 се при-пеид, 944.394 резиденцијални пост-пеид, а 249.399 деловни пост-пеид претплатници.
Во вкупниот број активни претплатници Македонски телеком и А1 Македонија имаат по 47,83 проценти удел, Лајкамобајл 2,88, Роби 1,23, МТЕЛ 0,12 и Греен мобиле 0,11 проценти, покажуваат податоците на АЕК.
Врз база на приходите од обезбедувањето мобилни комуникациски услуги, односно во малопродажбата, во последното ланско тримечје најголем удел има Македонски телеком 51,12 проценти, пред А1 Македонија со 47,20, Роби со 0,86, Лајкамобајл со 0,66, Греен мобиле со 0,12 и МТЕЛ со 0,03 отсто.
Во четвртиот квартал лани се регистрирани 438.586 фиксни линии, од кои на Македонски телеком отпаѓаат 51,20, а на А1 Македонија 42,29 проценти.