ПОВЕЌЕ

    ПОД ПРИТИСОК ОД ЦЕНИТЕ: Трамп ги укинува казнените царини за Бразил

    Време зa читање: 3 минути

    Притиснат од растечките цени на храната и политичките последици, претседателот Доналд Трамп во четврток направи уште еден пресврт во трговската политика: ги укина царините од 40% за бразилските прехранбени производи, меѓу кои говедско месо, кафе, какао и разни видови овошје. Овие давачки беа воведени во јули како казнена мерка против Бразил поради гонењето на поранешниот претседател и сојузник на Трамп, Жаир Болсонаро.

    Оваа одлука доаѓа непосредно по слична наредба на администрацијата донесена минатиот петок, со која беа тргнати царините за неколку земјоделски производи од други земји. Белата куќа очигледно се обидува да ги ублажи последиците од дел од царините што придонесоа за поскапување на храната во Соединетите Држави и за пад на поддршката за Трамп. Според официјалниот документ објавен од Белата куќа, новата наредба ќе се однесува на бразилскиот увоз пристигнат во САД на или по 13 ноември, а можно е да следи и поврат на веќе наплатени давачки за стоката внесена во периодот додека царините сè уште важеле.

    Бразил е клучен снабдувач на американскиот пазар: обезбедува околу една третина од целото кафе што го консумираат САД, а во последните години стана и важен извор на говедско месо, особено за млечено месо што се користи за правење бургери. Малопродажните цени на кафето пораснаа и до 40% оваа година, делумно поради овие царини, но и поради други фактори, како намалено производство предизвикано од лоши временски услови.

    Аналитичарите очекуваат брза реакција на пазарот по укинувањето на царините. „Може да очекувате неколку илјади вреќи бразилско кафе, кои седеа по царински магацини, сега да почнат забрзано да се пренасочуваат кон американските печилници“, изјави Џудит Гејнс, аналитичар за стоки и претседател на „J. Gaines Consulting“. Царинските складишта се места каде увозниците можат да ја чуваат стоката без веднаш да платат увозни давачки, па многумина намерно чекале во надеж дека високите бразилски царини ќе бидат повлечени – што сега и се случи.

    Бразилската асоцијација за говедско месо ABIEC оцени дека укинувањето на царините покажува колку трговските преговори можат да бидат ефективни и најави дека ќе продолжи да работи на зголемување на бразилското присуство на американскиот пазар. Интересно е што во самата извршна наредба од четвртокот не се споменуваат мерките против бразилските власти кои учествуваа во процесот и осудата на Жаир Болсонаро за заговор за државен удар по поразот на изборите во 2022 година.

    Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораес, и неговата сопруга, веќе се соочија со санкции преку Глобалниот закон Магнитски, а на други судии и министри им беа поништени американските визи.

    И покрај напнатите односи и политичките потези од двете страни, актуелниот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва во четврток изјави дека е задоволен од укинувањето на царината од 40%. За Бразил, тоа значи отворен пат за поголем извоз и посилен пристап до американскиот пазар, а за американските потрошуvачи – надеж дека барем дел од прехранбените производи наскоро ќе почнат да поевтинуваат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично