ПОВЕЌЕ

    ПОБАРУВАЧКАТА ЈА ПОДГРЕВА ИНФЛАЦИЈАТА: Потребна е поумерена и прецизно насочена фискална политика

    Време зa читање: 4 минути

    Инфлацијата во Македонија повторно се искачи на повисоко ниво, отсликувајќи подлабоки економски текови отколку што може да се претпостави само од глобалните фактори. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во јули 2025 инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот изнесува 4,8% на годишно ниво, додека цените на мало пораснале за 5,3%. На месечно ниво, зголемувањето на трошоците на живот е 1,1%, а индексот на цените на мало бележи значителен раст од 3,1%.

    Ова забрзување на инфлацијата доаѓа во контекст на зголемени трошоци во одредени сектори: транспортот поскапел за дури 9,9%, рекреацијата и културата за 2,1%, рестораните и хотелите за 1,2%, додека храната, здравството и безалкохолните пијалаци пораснале за 0,3%. Секторите облека, обувки, домување и енергенси бележат минимални поскапувања од 0,1%. Истовремено, намалување има кај алкохолните пијалаци и тутунот, како и кај разновидните стоки и услуги, но само за 0,1%.

    Иако на прв поглед се чини дека глобалните цени или поскапувањата кај храната ја водат инфлацијата, анализите на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ укажуваат на поинаква слика. Во нивниот најнов став се посочува дека инфлацијата веќе не е предизвикана од надворешни фактори или од цените на храната  кои бележат стабилен или дури негативен тренд, туку станува збор за внатрешни економски движења: засилена домашна побарувачка, висок реален доход и ценовни корекции во услужниот сектор.

    „Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи“, истакнува „Фајнанс тинк“, нагласувајќи дека во такви услови, политиките за поддршка треба да бидат фокусирани исклучиво на ранливите категории – а не широко распространети, како високите зголемувања на пензиите кои можат дополнително да ја поттикнат побарувачката.

    Во тој контекст, фискалната политика мора да остане дисциплинирана и внимателно насочена. Институтот предупредува дека интервенциите во цените на храната, како замрзнување на цени или маржи, даваат само краткорочен ефект – проследен со остар ценовен скок по нивното истекување. Процесираната храна, која често се увезува, веќе не е извор на ценовни шокови, а непроцесираната храна (овошје, зеленчук) има поместувања кои главно произлегуваат од домашната понуда и трговски маржи.

    Поголема загриженост предизвикува растот на цените во услужниот сектор: рестораните и кафулињата (28% на месечно ниво), туристичките аранжмани (26,6%) и сместувањето (14,6%) – што покажува дека сезоната не е единствениот двигател, туку постојат и структурни фактори поврзани со побарувачката.

    Во првиот квартал од 2025 година, потрошувачката на домаќинствата пораснала речиси двојно побрзо од просекот во 2024 година, охрабрена од силен раст на реалните плати (8,8% во 2024 и 6,6% во првите пет месеци од 2025), но и од високите пензии кои пораснале за просечно 5.000 денари месечно. Бројките покажуваат дека ваквите зголемувања имаат директен ефект врз побарувачката, па оттука и врз цените.

    Понатаму, потрошувачките кредити во јуни 2025 бележат годишен раст од 10% (во споредба со 6% во јуни 2024), а прометот во трговијата со храна, пијалаци и тутун се зголемил за дури 22,5% во истиот месец – индикатор за интензивно трошење од страна на потрошувачите.

    Со оглед на ова, „Фајнанс тинк“ укажува дека монетарната политика мора да биде одлучна и подготвена за натамошно задржување или заострување на рестриктивната поставеност. Високите цени стануваат „лепливи“ – односно, тешко се повлекуваат, па долгорочната ценовна стабилност станува приоритет број еден за зачувување на реалната вредност на приходите и економската доверба.

    Македонија се соочува со инфлација која повеќе не е увезена, туку домашно поттикната. Главните двигатели не се веќе цените на храната и енергентите, туку домашната побарувачка, цените на услугите и растечките реални доходи. Затоа, се бара поумерена и прецизно насочена фискална политика, како и јасна монетарна стратегија што ќе ја закотви инфлацијата, ќе ја намали нејзината перзистентност и ќе ја врати економијата на одржлива патека.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично