Од ОПМ очекуваат тоа да се случи, па најверојатно залудно се надеваме на одржување на цените на исто ниво, додека од Министерството за економија сметаат дека сега е време да се покаже општествена одговорност кон граѓаните
Од први јули престанува дејството на владината мерка за замрзнати маржи на основните прехранбени производи. Лебот, шеќерот, млекото и млечните производи, јајцата… ќе имаат нови цени. Производителите и трговците се со одврзани раце. Па, допрва ќе се види дали ќе ја следат пазарната логика или ќе се раководат според желбата за профит.
За граѓаните и сега се е скапо и како што велат, неиздржливо е и со мерки, а како ли ќе биде без нив.
Во светот се забележливи надолни движења кај цените на храната, како одраз на стабилизирањето на ценовните текови кај горивата, струјата, суровините. Се намалува и инфлацијата. И кај нас има по нешто, само забавено. Македонија се уште се справува со висока инфлаторна стапка. Тоа се потврди и со неодамнешниот извештај на Светската банка, според кој државата предничи во регионот целиот период од почетокот на кризата па се досега. И домашната статистика измери двоцифрена стапка во мај – 11,3 проценти, кога наведе дека за една година најголемото поскапување е регистрирано кај храната, безалкохолните пијалоци, домувањето…
Тоа е периодот кога властите практикуваа замрзни-одмрзни цени, во обид да илезат на крај со инфлацијата и цените и покрај забелешките од бизнисот дека се треба да му се препушти на пазарот, а помош да се обезбеди единствено за ранливите категории граѓани. Сега истекува и последниот рок за регулираните цени.
„Организацијата на потрошувачите на Македонија очекува дека трговците и производителите ќе ‘тргнат во наплата’ на она што го изгубиле изминатиов период поради ограничување на маржите на прехранбените производи до први јули 2023“, вели претседателката Маријана Лончар Велкова.
Исто така, додава, можно е од почетокот на јули надлежните да имаат многу работа.
„Искуствата покажаа дека најверојатно залудно ќе се надеваме на одржување на цените на исто ниво, а уште помалку на нивно намалување, со ретки исклучоци.
Постои можност и за договарање на цените и нивно диктирање од страна на трговците, па така, сметаме дека надлежните треба да имаат многу работа од први јули.
Секако, надлежното Министертсво треба будно да ја следи состојбата и доколку забележи зголемување, односно скок на цените на основните прехранбени производи, да преземе одредни мерки кои треба да дадат резултат на подолг рок“, наведува Лончар Велкова од ОПМ.
Од Министерството за економија велат дека се реагира согласно состојбите.
„Ограничувањето на трговската маржа на основните прехранбени производи важи до 30 јуни 2023 година и нејзината примена се заснова на следење на временската рамка што се одреди на кризната состојба.
Со оглед што на пазарот имаме стабилизирање на домашните цени, кои се резултат на стабилизирање на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија, Министерството за економија цени дека по завршување на рокот за примена на Одлуката на трговските маржи, домашните цени треба да продожат да се утврдуваат според пазарни услови“, се посочува во одговорот што го добивме од Министерството.
Воедно, укажуваат, долготрајната примена на мерките може да е контрапродуктивна.
„Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени, може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување на државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа“.
Освен тоа, од ресорното Министерство се надеваат дека од почетокот на јули производителите и трговците ќе манифестираат општествено одговорно однесување.
„Доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа ќе го спроведеме. Засега ја следиме состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи. Тие цени, главно, ќе ги диктираат условите и потребата од продолжување на мерката или, пак, ќе оставиме производителите и трговците да покажат општествена одговорност кон потрошувачите по завршување на рокот на мерката“, велат од Економија.
Што ќе се случува на терен, наскоро ќе биде познато – што подготвуваат производителите, како ќе се однесуваат трговците, колкави ќе бидат цените на прехранбените намирниците кај кои, според стручњаците од оваа област, инфлацијата е двојно повисока во однос на општата инфлација. Што, пак, се одрази врз куповната моќ на граѓаните, кои стравуваат дека првиот ден на јули ќе им предизвика нови ценовни потреси.
Маја Анастасова