Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе распореди војници во Балтимор, ескалирајќи го судирот со гувернерот на Мериленд, Вес Мур, откако демократот го покани да се придружи на „безбедносна прошетка“ во градот.
Трамп веќе распореди околу 2.000 војници во Вашингтон, демократско упориште, а од вчера припадниците на Националната Гарда почнаа да носат оружје низ улиците на Вашингтон, соопшти војската. Претходно, нивното оружје беше достапно по потреба, но се чуваше во вооружените магацини.
„Ако на Вес Мур му треба помош, како што му требаше на Гевин Њускам во Лос Анџелес, ќе ги испратам трупите“, што се прави во блискиот Вашингтон, и брзо ќе го исчистам криминалот“, му порача Трамп на гувернерот на Мериленд, преку социјалните медиуми.
Претседателот Трамп распореди војници на Националната гарда во градовите предводени од демократите, како дел од она што тој го нарекува борба против криминалот. Прв на листата беше Лос Анџелес, каде американскиот претседател испрати 5.000 припадници на Националната Гарда на САД и маринци по жестоките демонстрации против неговите антиемигрански политики кон крајот на јуни.
Откако испрати војска во Вашингтон, Трамп наговести дека ќе распореди трупи и во Њујорк и Чикаго.
Оваа ескалација доведе до осуда од лидерите на демократите од други држави и градови, вклучувајќи го и гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, кој рече дека заканите на Трамп за распоредување трупи во Чикаго се злоупотреба на моќта.
Пред десетина дена, со извршната наредба на Трамп со која се прогласува „криминална вонредна состојба во округот Колумбија“ и во која се споменува „зголемено насилство во главниот град“ беше распоредена војска на улиците на главниот град на САД. Претходно, Трамп тврдеше дека криминалот во градот е „надвор од контрола“. Но, според бројките за криминал објавени од Метрополитенската полиција на Вашингтон (MPDC), насилните прекршоци се намалија по врвот во 2023 година и во 2024 година го достигнаа најниското ниво за 30 години.
Тие продолжуваат да опаѓаат, според прелиминарните податоци за 2025 година, пишува Би Би Си. Насилниот криминал вкупно е намален за 26% оваа година во споредба со истиот момент во 2024 година, а грабежите се намалени за 28%, според MPDC.
Употребата на воен персонал за спроведување на домашниот закон предизвика жестока реакција од демократите. Еден гувернер го опиша тоа како „злоупотреба на моќ“. Во соопштението од Заедничката работна група се вели дека тоа требало да се користи само како последно средство.
Се очекува дури 1.700 војници да се мобилизираат во 19 држави во наредните недели, објавуваат американските медиуми.
Гувернерот Мур, чест критичар на стратегијата на претседателот, рече дека коментарите на Трамп за борбата против криминалот „излегуваат како толку, толку глуви и со толку незнаење“. „Тоа е затоа што тие не се движат на нашите улици“, рече Мур. „Тие не биле во нашите заедници и се повеќе од среќни што продолжуваат да ни ги наметнуваат трупите на нас“.
Коментарите на Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social се чинеа како директен одговор на поканата на Мур до Трамп, која претседателот ја опиша како „гадна“ и „провокативна“. „Како претседател, многу би сакал тој да ја исчисти оваа криминална катастрофа пред да одам таму на „прошетка“, напиша Трамп.
Белата куќа вели дека се извршени стотици апсења откако започна операцијата во Вашингтон.
Зборувајќи во Овалната соба на Белата куќа во петокот, Трамп рече дека мисијата донесе „тотална безбедност“ во Вашингтон. „Вашингтон беше пекол“, рече тој. „Но, сега е безбедно.“
Лидерот на малцинството на демократите во Претставничкиот дом, Хоаким Џефрис, исто така, се вклучи, тврдејќи дека Трамп нема законско овластување да испраќа трупи во градови како Балтимор и Чикаго. Тој рече дека претседателот го искористува намаленото ниво на криминал – како што се „најмалку убиства во Балтимор за повеќе од 50 години“ – за да произведе криза.
Анкета спроведена од Вашингтон пост, објавена претходно оваа недела покажа дека распоредувањето е длабоко непопуларно меѓу жителите на градот, при што речиси 80% рекле дека се против распоредувањето на федерални офицери и Националната гарда, како и преземањето на Метрополитенската полиција.
(Фото:Al Jazeera)