Повеќе Полјаци ја напуштија Германија во 2024 година отколку што се преселија таму, што претставува прва таква промена во овој век, а експертите ја припишуваат промената на растечката економија на Полска, пишува ТВП Ворлд.
Според податоците објавени од германската канцеларија за статистика, нето миграцискиот биланс меѓу Полска и Германија стана негативен за прв пат по 25 години, при што речиси 9.000 повеќе Полјаци ја напуштија Германија отколку што пристигнаа минатата година.
Последниот пат кога бројките се приближија до ова ниво беше за време на глобалната финансиска криза од 2008-2009 година – но дури и тогаш, билансот остана позитивен.
Анджеј Кубисијак, заменик-директор на Полскиот економски институт, ја поврза промената со економската стагнација на Германија и забрзувањето на растот на Полска. „Германската економија стагнира 6-7 години и, по ковид и енергетската криза, се бори да се врати на вистинскиот пат“, рече Кубисијак. „Доживеа рецесија во последните две години“.
„Податоците за Романија и Бугарија, исто така, покажуваат дека миграцискиот биланс од перспектива на Германија е негативен за прв пат по години“, рече Кубисијак.
ГЕРМАНИЈА СТАГНИРА, ПОЛСКА НАПРЕДУВА
Тој, исто така, посочи дека животот во Германија „веројатно повеќе не е толку привлечен како што беше пред години. Инфраструктурата можеби веќе бара реновирање, додека земјите источно од реката Одра го надополнуваат темпото – толку многу работи таму се сè уште релативно нови“.
Иако новата влада на Германија вети големи јавни инвестиции за стимулирање на растот, Кубисијак предупреди дека ефектите ќе потраат.
Ова е во спротивност со сопствениот економски моментум на Полска, кој сега ја повлекува дијаспората назад. „Во последниве години, условите за вработување номинално се подобрија, платите се зголемија со најбрзо темпо откако Полска се приклучи на ЕУ. Овој јаз во платите, според паритетот на куповната моќ, едноставно почнува да се намалува“, рече Кубисијак и додава: „Во 2004 година, БДП по глава на жител врз основа на паритетот на куповната моќ во Полска во споредба со Германија беше 42%, а во 2024 година беше речиси 70%.“
Полска го фати чекорот не само со Германија, туку и со другите водечки глобални економии. Во понеделник, премиерот Доналд Туск рече дека куповната моќ на Полска по граѓанин – метрика што одразува колку просечно лице може да купи кога е прилагодено на локалните цени и трошоците за живот – сега ја надминала онаа на Јапонија.
Тој додаде дека Полска е на пат да ја престигне Швајцарија и да стане 20-та најголема економија во светот оваа година.
(Фото: ТВП)