ПОВЕЌЕ

    По 24. Годишна конференција на Македонска берза: Проширувањето на понудата – развоен предизвик

    Време зa читање: 5 минути

    На пазарот на капитал му е потребно раздвижување. Прашањето за иницирање нови јавни понуди и издавање нови хартии од вредност е главен развоен предизвик. Побарувачка има, треба да се зголеми понудата.

    Ова е една од суштинските констатации што произлегоа од 24. Годишна конференција на Македонска берза, што традиционално се одржа во Охрид, во присуство на повеќе од 250 претставници на финансискиот сектор, на котираните компании, регулаторите, институциите и академската заедница. Конференцијата низ годините прерасна во традиционално и најзначајно годишно собирање на финансиската заедница во земјава и регионот. Претставува платформа за размена на идеи, искуства и визии за тоа како да се унапреди пазарот на капитал, како да се зголеми неговата улога во економскиот развој и како да се поттикне довербата кај инвеститорите и компаниите.

    Конференцијата беше отворена со обраќања на главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, кој посочи на досегашните берзански движења од трите квартали: прометот е речиси како ланскиот, околу сто милиони евра; ценовните движења продолжија со бавен пораст; МБИ10 е зголемен за 2,5 проценти…

    Воедно, ја нагласи важноста на берзанските конференции како место за размена на знаење и идеи, по што следуваа поздравните говори на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и претседателката на Комисијата за хартиии од вредност, Бујаре Абази.

    Во рамки на специјалните говори, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, зборуваше за предизвиците на монетарната политика во услови на зголемена неизвесност, додека Blaz Brodnjak, извршен директор на NLB Љубљана, во онлајн излагање говореше за потребата од подлабока интеграција на земјите од Југоисточна Европа.

    Првиот конференциски ден беше посветен на прашањето за IPO – да се прави или не?. Претставникот на ЕБРД, Attila Toth, ја презентираше поддршката на оваа институција за домашните компании кои сакаат да излезат на берза, а Дарко Перушески, сосопственик и извршен директор на СВОД Мастер АД (Gley), го сподели искуството од нивниот обид за IPO. Дискусијата продолжи на панелот „Некој, на берза…“, каде што своите ставови ги изнесоа Златица Цивкароски од Шпаркасе Банка, Зоран Мартиновски од Prime Blue Institute, адвокатот Кристијан Поленак, Христијан Ковачевски од Унипласт и Ирина Аврамска од Finovate MK, под модераторство на Каролина Каровска Божиноска од Македонска берза. Во овој блок се вклучи и Даме Цветковски, извршен директор на Неотел, кој говореше за развојните перспективи на компанијата во контекст на берзанското финансирање.

    Темата потоа се префрли на берзанско-фондовските приказни, каде што преку интервју на бина, новинарот Горан Теменугов од подкастот „Каде се парите?“ разговараше со Иван Штериев за состојбите и предизвиците на Македонска берза. Штериев во рамките на ова интерјву потенцираше дека клучно е пазарот на капитал да се препознае како стратешка определба за целата економија, а не само за оние што работат на пазарот на капитал.

    Панелот што следеше, посветен приватните пензиски фондови и можноста да се воведат и мултифондовите, отвори многу прашања за иднината на пензискиот систем и пазарот на капитал. На оваа дискусија учествуваа Горан Мартиноски од КБ Прво пензиско друштво, Maciej Bitner од Варшавската берза и Gordan Šumanovic од Raiffeisen mirovinski fondovi – Хрватска, а модератор беше Александра Томиќ од Bloomberg Adria. Во продолжение, Krešo Vugrincic, извршен директор на Intercapital ETF, зборуваше за улогата на ЕТФ-овите како локален и регионален развоен двигател.

    Попладневниот дел од првиот ден започна со видео-обраќање на Blaz Hribar од Pokojninska druzba A – Словенија, кој се осврна на идните глобални пазарни трендови. Потоа, Hüseyin Erkan, поранешен директор на Истанбулската берза и Светската федерација на берзи, дискутираше за значењето на малите берзи на пазарите во појавување. Денот заврши со комерцијална презентација на Илијанчо Гаговски, ко-основач на Fledgeworks, кој ја претстави нивната HR платформа.

    Вториот ден започна со панелот „Пред и после 2025-та – влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување“, во коорганизација на ИСОС. На оваа тема дебатираа Драган Давитков од PwC, Драган Димитров од БДО Македонија, Горан Тиловски од Македонски Телеком и Коста Костадиновски, основач на Капитал Ассет Менаџмент, а модераторка беше Весна Прентоска, претседател на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Потоа, Филомена Пљаковска Аспровска, претседател на Управен одбор на CaSys, зборуваше за трендовите во дигиталната трансформација.

    Агендата продолжи со разговорот „покрај оган“ меѓу Даринка Дамјановиќ, извршен директор на ЦДХВ, и Даниел Ленардиќ од KPMG Croatia, посветен на стратешките предизвици на Централниот депозитар за хартии од вредност. Конференцијата заврши со панелот „Добри практики за корпоративно управување – норматива v.s. пракса“, на кој учествуваа Орде Ѓорѓиоски од Витаминка АД Прилеп, Горазд Поповски од Стопанска банка Скопје и Тихомир Касапинов од Винарска Визба Тиквеш, под модераторство на Зорица Асенова, главен правен советник на Македонска берза.

    Спонзори на конференцијата беа КБ Прво Пензиско друштво (како сребрен спонзор) и НЛБ, Шпаркасе и Комерцијална банка, ЦДХВ, Casys International и Неотел (како останати спонзори). Медиумски покровители годинава беа Телма Телевизија, Пари, Капитал и Банкарство, а поддржувачи на конференцијата Винаријата Тиквеш, Бучен Козјак, IUTE и Fledgeworks.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично