
Откако по социјалните мрежи се прошири снимка која ја објави Тетово Инфо, на која се гледа како надојдените води на реката Вардар носат илјадници пластични шишиња со себе, се огласи и Министерството за животна средина и просторно планирање. Во соопштение, Министерството информира дека причините за ваквата состојба се должат на незадоволителното ниво на комунални услуги од страна на операторите на отпад, особено во руралните средини. Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина континуирано укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од постојано следење на состојбите со управувањето со отпадот и засилено присуство на општинските инспектори на терен.
Во моментов, Државниот инспекторат за животна средина е во фаза на подготовка на измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување на единствен систем на инспекциски надзор што ќе овозможи поефикасна и поефективна контрола во областа на животната средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање апелира до единиците на локалната самоуправа, комуналните претпријатија и граѓаните за заедничка одговорност и делување во насока на зачувување на чистотата на реките и водните текови.
Грдите глетки со илјадниците пластични шишиња и друг отпад кои пловат по течението на Вардар, за жал не се невообичаена слика. Интензивните врнежи на дожд, кои го зголемуваат водостојот на реката најчесто предизвикуваат плавење на крајбрежјето на реката и на нејзините притоки, на кои се наоѓаат бројни нелегални депонии, преполни со пластика.
Во гостиварските и во тетовските села, велат упатените, честопати се случува фирмите кои потпишале договор со локалните самоуправи за подигање на сметот од домаќинствата, собраните количества да не ги носат на легални депонии, туку да се ослободуваат од нив на нелегални локации, најчесто во близина на селата, на напуштени ниви, крај локални патишта, или, уште почесто, на брегот на Вардар.
(Фото: скриншот од видео, Тетово Инфо)
Аналитика








