Зголемен број трансакции, но помал промет е остварен на Македонската берза во текот на мај. За инвеститорите и натаму најсигурно и најисплатливо е вложувањето во банкарските хартии од вредност. Меѓу петте најтргувани се трите акции издадени од големата банкарска тројка. Другите две акции им припаѓаат на друштвата од фармацевтскиот и од бизнисот со нафтени деривати. Нивниот заеднички удел е 80,23 проценти во вкупниот берзански промет. Или, во месечниот износ од 556.690.267 денари, што е еднакво на 9.028.769 евра, тие придонеле со повеќе од 7,2 милиони евра. А, акциите на трите банки партиципираат со близу 4,8 милиони евра, што значи со 52,93 проценти.
Во мајскиот статистички билтен, на листата најтргувани акции на официјалниот пазар трите банки се распоредени на првата, втората и на третата позиција. Со тоа, по подолго време има промена на второто место, кое редовно го зазема акцијата на Алкалоид.
Акцијата на Комерцијална банка не отстапува од челната позиција. Минатиот месец се направени 597 купопродажни трансакции, во кои се опфатени 6.085 акции. Остварен е промет од 175.051.595 денари, односно 2.839.027 евра. Во вкупниот промет учествуваат со 35,66 проценти. Притоа, цената на акцијата се движела од минималните 28.000 до максималните 29.500 денари, а месечниот просек е 28.767,72 денари.
Зависно од интересот на инвеститорите, акцијата на Стопанска банка Скопје не секогаш се позиционира меѓу петте најтргувани. Во мај изби на второто место со истргуваната количина од 32.586 акции во износ од 101.920.240 денари/1.652.982 евра. Во 420-те трансакции цената се движела од 2.986 до 3.330 денари, при што просечната е 3.127,73 денари. Има удел од 20,76 проценти.
Со реализираните 98.539.333 денари или 1.598.095 евра, акцијата со знакот на Алкалоид во вкупниот месечен берзански промет придонела со 20,07 проценти. Минатиот месец нејзината просечна вредност е 26.923,32 денари, при што максумумот бил 28.000, а минимумот 26.550 денари. Низ 321 трансакција истргувани се 3.660 акции.
Меѓу најтргуваните хартии од вредност, највисока е цената на акцијата од Макпетрол. Во мај најниското ниво е 110.000 денари, највисокото 122.000 денари, додека просечното е забележансо со 118.054,58 денари. Истргувана е количина од 452 акции преку 134 трансакции. Притоа, за акциите се платени вкупно 53.360.669 денари или 865.366 евра, што во прометот претставува удел од 10,87 проценти.
Во берзанската статистика се регистрирани 68 купопродажби во кои се истргувани 291 акција на НЛБ банка. Во текот на тргувањето цената осцилирала од 60.000 до 61.799 денари. Оттаму и месечниот просек од 61.113,96 денари. Месечната сума е 17.784.162 денари (288.538 евра) и во прометот партиципира со 3,62 проценти.
Во месечниот билтен на Македонска берза се забележани 1.840 трансакции, за 13,79 насто повеќе во споредба со април. Сепак, тоа не се рефлектирало кај прометот, кој опаднал за 32,31 отсто. Во тие рамки, кај прометот со акции е евидентиран раст од 17,73 проценти и износ од 491.570.596 денари (речиси осум милиони евра). Наспроти тоа, има минус од 85,74 проценти кај остварувањето во блок-трансакциите. Нивниот број е ист како и во април – 12, но мајскиот промет е само 56.283.640 денари (915 илјади евра). Исто така, пад има и кај прометот од тргувањето со обврзниците, за 13,51 процент.
За 2,33 насто во мај се зголемила пазарната капитализација, која достигнала 363.644.287.379 денари, односно над 5,9 милијарди евра. Растот е месечна карактеристика и на МБИ10 – со додадените 2,81 процент има вредност од 10.668,94 поени.