Од средствата на пензионерската солидарност минатата година биле исплатени речиси 8,5 милиони евра. Парите наменети за посмртна помош ги добиле 14.903 семејства кои загубиле близок човек и поднеле барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со доброволна поддршка од повеќе од 320 илјади пензионери, во текот на 2025 година во Солидарниот фонд биле уплатени 1,92 милиони евра. Од нивните пензии, по претходно дадената согласност, месечно се издвојувале по 140 денари.
Од почетокот на годинава, износите се зголемени: месечно од пензиите се задржуваат по 150 денари, а посмртната помош е 40 илјади денари. Во декември лани одлуката беше донесена од регистрираната организација за Солидарен фонд, а ја потврди Управниот одбор на Фондот на ПИОМ.
Фондот, преку подрачните единици, исплатата на надоместот за погребните трошоци ја врши од 2008 година. Сепак, податоците за приливите и одливите на солидарната сметка се прикажуваат од 2023 година. Оттогаш наваму, според заведените бројки како одраз на состојбите, исплатите постојано се значително повисоки од уплатите, што ја истакнува суштинската улога на Солидарниот фонд како механизам за поддршка на семејствата на починатите пензионери.

Анализата што ја направи порталот Пари за движењата во текот на минатата година покажува постојан раст на уплатите, но и висок обем на исплатите. Притоа, бројот на пензионери солгласни да го одвојуваат утврдениот износ во континуитет се зголемува, што предизвикува и извесни месечни флуктуации во уплатите.
Базата на пензионери, која во јануари опфаќала 323.468 лица, до крајот на декември се зголемила за 4.411 корисници кои решиле да придонесуваат во заедничката каса. Тогаш биле регистрирани 327.879 лица. Со тоа постепено се зголемувале и месечните уплати, што ја зајакнувало финансиската основа на фондот. Од јануарските 158,8 илјади на 161 илјада во последниот месец од 2025 година.

Месечните износи на исплатените посмртнини варираат од 94,4 илјади до 1,2 милиони евра. Разликите се значителни, а се должат на бројот на починати пензионери и на поднесените барања од семејствата.
Во декември, месецот со најнизок износ на исплата, до ПИОМ биле доставени 166 барања. Наспроти тоа, во февруари биле регистрирани 2.114 барања. Врз таа основа од солидарниот фонд се одлеале максималните 1,2 милиони евра. Нешто пониски се бројките забележани во мај: 1.682 барања и исплатени 956 илјади евра.
Под илјада пристигнати барања имало уште во април (989) и во јуни (674). Тогаш биле исплатени 561,8 илјади, односно 383,2 илјади евра.

Статистиката на ПИОМ ги бележи промените и на новите пензионери и на тие кои се одјавиле од пензионерската книга. Привилегијата, како што се вели за луѓето кои дошле до годините потребни за заминување во пензија, лани ја имале 20.882 лица. Во истиот период починале 14.610 пензионери.
Во првата половина од 2025 година забележлива е рамномерна месечна динамика во приливот на новите пензионери. Од јануари па заклучно со јуни, по нешто повеќе од 1.500 лица ги исполнувале условите за стекнување на правото на пензија.
И во наредните пет месеци немало осцилации. Или, секој месец се пензионирале по над 1.900 лица. Исклучок е само декември, кога со статусот пензионер се стекнале 2.022 лица.

Извор: ПИОМ
Солидарниот фонд функционира како важен механизам за финансиска поддршка во тешки моменти. Со стабилниот прилив од доброволната задршка и со зголемувањето на посмртната помош, пензионерската каса ја зголемува улогата како пункт за прва помош за семејствата кои се соочиле со човечка загуба и со високи трошоци.
М.А.
Аналитика








