Нема ден без протест на пензионерите, кои од различни градови упатуваат единствени барања – по 3.500 денари за сите во вид на линеарно зголемување и минимална пензија од над 18 илјади денари или во износ на минималата плата. Во меѓувреме од Владата соопштија дека е „разгледана и усвоена информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите и го донесе решението за формирање на работната група“. Понатаму, од таа работна група треба да произлезе „соодветен и финансиски издржлив предлог за најниската пензија и предлог мерки за помош и поддршка на пензионерите“.
Денес излегоа пензионерите од Свети Николе. Со земјоделска механизација го блокираа патот што води до клучката за автопатот кон Скопје и Куманово. Велат, на овој начин сакаат да го предизвикаат вниманието од надлежните – Министерството за труд и социјална политика, Владата, Здружението на пензионери. Наредната среда ќе го блокираат патот кој води кон клучката на автопатот Свети Николе – Штип.
Нема отстапување од барањата и од протестите се додека тие не бидат прифатени, децидни се пензионерите кои нагласуваат дека сакаат да живеат, не да преживуваат. Toa е мотивот на сите, и кои можат и кои не можат да излезат јавно да го искажат незадоволството, и од секаде – Кавадарци, Неготино, Битола, Прилеп, Штип, Кочани, Куманово, Велес, Охрид, Скопје…
Пензиите се повисоки за 26 насто, следува ново шестпроцентно зголемување, а ќе има и закон за минимална пензија, тврди премиерот Димитар Ковачевски.
„Секој пензионер ќе знае колку е минималната пензија и дека таа може да расте согласно одредени критериуми секоја година. Исто како што пензиите растат секоја година, половина зависно од зголемувањето на трошоците за живот и половина зависно од зголемувањето на просечната плата. Исто и минималната плата расте на таков начин и на таков начин ја определивме и финансиската помош за поддршка на инвестициите“, изјави неодамна Ковачевски.
Воедно, тој смета дека со досегашните владини решенија е постигнат најголем раст на пензиите досега.
„Со новиот модел на усогласување стигнавме до 26 проценти, а сега ќе имаме ново шестпроцентно зголемување на пензиите. Минималната пензија беше 9.000 денари кога јас дојдов за премиер, сега ќе стане 13.000 денари. Јас ги разбирам сите барања на пензионерите“, вели премиерот, кој за основното, линеарно да се зголемат пензиите, посочи на изјаснување од страна на Уставниот суд.
На истата адреса од каде што беше поттурната лавината незадоволство, со одлуката за повисоки плати на функционерите.
„Ние синдикалците и граѓаните не гледаме испорачани резултати од страна на функционерите на планот на подобрувањето на општествениот и економскиот развој, ниту, пак, видовме зголемен ангажман и зголемена продуктивност на функционерите за 78 насто, за потоа да го добијат ваквото енормно зголемување на платите од 78 проценти“, напишаа од ССМ, кога до Собранието го доставија својот предлог за намалување на фунционерските примања. Суштината на предлогот е елиминирање на спорните 78 поценти, односно платите да се вратат на првобитното ниво, а потоа да се пресметуваат според Општиот колективен договор.
„Имајќи предвид дека револтот на работниците, граѓаните, пензионерите е огромен поради зголемувањето на платите на функционерите за 78% согласно Одлуката на Уставниот суд, сметаме дека е потребно да се изврши итна измена на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката“, наведоа синдикалците во писменото обраќање.
ССМ предлага порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи, без дискриминација. Или, ако Владата смета дека десетте проценти што и следат на јавната администрација од септември, и новата методологија за пресметка што ќе старува од први март 2025 година се решенија на место, тогаш истиот принцип функционерите треба да го применат и за себе.
Засега никој, ниту од власта, ниту од опозицијата не коментира за предлогот на ССМ. Вицот, пак, вели – македонските функционери толку силно ги бранеле своите проценти, што Чак Норис самиот се прогласил за 78 проценти неспособен.