ПОВЕЌЕ

    ПЕНЗИОНЕР ЈА ОСПОРУВА УСТАВНОСТА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ЧЛЕНСТВО – Пирамидална организација затскриена зад пензионерското здружување

    Време зa читање: 6 минути

    Најголем дел од пензионерите не само што не учествуваат во активностите на здруженијата, туку не ни знаат каде се наоѓаат. А, се работи за средства кои достигнуваат износ од околу 1.850.000 евра на годишно ниво, пари кои се трошат од пет-шест проценти од вкупната бројка на таканаречени членови

     

    Мирослав Трлин, пензионер од Куманово, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на член 115 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Причината за тоа е условеноста – согласноста за запирање на дел од пензијата за обезбедување средства за исплата на посмртна помош е врзана со задолжително членување во Здружението на пензионерите.

    Како што посочува Трлин, најголем дел од пензионерите не само што не учествуваат во активностите на здруженијата, туку не ни знаат каде се наоѓаат. А, се работи за солидни средства, кои достигнуваат износ од околу 1.850.000 евра на годишно ниво. Пари кои, како што наведува, се трошат од пет-шест проценти од „вкупната бројка на таканаречени членови“.

    Впрочем, иницијативата ја покренува со цел „да се раздвои запирањето на дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство од износот за членување во здружение на пензионери (членарина) и тие да бидат одделени и независни (неусловени) една од друга“.

    Конкретно, со иницијативата се оспорува ставот 1 од споменатиот член:

    „На корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина)“.

    Трлин во образложението укажува дека Солидарниот фонд постоел и порано, а парите се уплаќале, а потоа и се исплаќале како посмртна помош од сметката на Здружението. Но, работите се изменети.

    „Со новата организација и пренесувањето на Солидарен фонд под капата на фондот за ПИОМ, средствата директно од сметката на фондот на ПИОМ за Солидарен фонд се префрлуваат на Трезорска сметка од каде се врши исплата на посмртната помош на членовите на семејство за покривање на погребните трошоци, а барањето и документите за исплата се доставуваат до фондот за ПИОМ во подрачни единици од каде е осигуреникот и уплаќач на Солидарен фонд. (здруженијата немаат никаква улога и функција)“, стои во образложението.

    Оттука, се додава, условувањето е „недвосмислено“ за „задолжително членување и плаќање членарина за Здружение на пензионери и тоа со писмена согласност дадена во Фондот за ПИОМ  да ја пресметува и одбива членарина од пензијата (Државен пензиски фонд) ако сакате да ви се запира дел од пензија за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на семејството“. Износот е линеарен и  изнесува 30 денари месечно, без оглед на висината на пензијата.

    Тоа, тврди Трлин, „претставува скриена ПИРАМИДАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА под покровителството на т.н. пензионерско здружување, кое треба да е граѓанско, непартиско, невладино и непрофитабилно“. Како што вели, сигурна уплата на членарина е обезбедена од околу 315.000 членови од вкупно 335.000, или речиси 94 отсто од пензионерите кои се условени. „Наводно членови на здруженија на пензионерите, а во исто време и членови на Солидарен фонд заради кој се условени со оваа членарина, а во трошењето учествуваат не повеќе од 5-6 % од вкупната бројка на таканаречени членови“. Затоа, според иницијаторот, ова граѓанско здружение е формално најбројно како во државата така и пошироко, и со озаконето плаќање на членарина во граѓанско здружение преку државна институција  – Фондот  за ПИОМ.

    Наспроти тоа, ојаснува, членувањето во граѓански здруженија е израз на слободна волја и убедување без условување и притисок. „Методот на заобиколно зачленување (преку Фондот за ПИОМ како државна институција, а не со потпишување на ПРИСТАПНИЦА), без водење интерна документација во самите здруженија за членството и нејзино задолжително ажурирање на секои две години, без транспарентно работење и отчет за материјално-финансиско работење пред целокупното членство е доволно за сомнеж на законитоста во работењето и исполнувањето на наводните Статутарни одредби во постигнувањето на целите за кои се формирани“.

    Исто така, Трлин укажува дека „пензионерските протести со барањата за линеарно покачување на пензиите и донесување на закон за минимлна пензија е само уште една потврда дека самите пензионерски здруженија, како и Сојузот на здруженија на пензионери на Република Северна Македонија не работат за остварување на цели и програми согласно Статутот, туку функционираат за задоволување на материјално-финасиска корист на мал број самонаместени и самопрогласени функционери на предметните здруженија во недостаток на целосна контрола и увид во работењето“.

    Во прилог на ова тврдење Трлин вели дека група пензионери од Куманово уште во јуни годинава испратиле свои предлози до Сојузот на здруженијата на пензионерите за менување на методот на пресметката и плаќањето на задолжителната. На одговор се уште чекаат.

    Инаку, се работи за два предлога. Првиот – пензионерите со пензии до 10.000 денари да се ослободат од плаќање членарина, со можност да бидат рамноправни членови, по своја определба, на здруженијата на пензионерите. И вториот – пензионерите чии примања се поголеми од десет илјадарки да плаќаат членарина од 0,1 отсто од номиналниот износ на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.

    „Иницијативата за безусловно и раздвоено членување во Солидарен фонд со членувањето во  пензионерски здруженија има за цел да го реорганизира самото граѓанско здружение да им припадне на пензионери – членови, кои би влегле во здружението по сопствена определба, одлучувајки слободно и доброволно со давање изјава во самото здружение каде што сакаат да членуваат и активно да учествуваат во организирањето и работењето правец на остварување на статутарните определби и реализација на усвоените програми и планови, како што впрочем е одредено и со Законот за граѓански здруженија и фондации“, наведува предлагачот.

    Исто така, појаснува, дека намерата на иницијативата не е згаснување на пензионерските здруженија и уништување на позитивните работи докажани во праксата, како што е Солидарниот фонд. Тоа е добро решение за најголем број пензионери, кои и онака имаат ниски примања, а немаат алтернативни можности за дополнителни приходи. Туку, „да не бидат условени без своја волја да членуваат во здруженија на пензионерите, кои ги посакуваат само како плаќачи на членарина, ама не и како активни учесници во работењето“. Како доказ за ова ги посочува  статутарните одредби на најголем дел на општинските организации, каде стои: „Собирот на Огранокот на Здружението може да работи и полноважно да одлучува ако на него присуствуваат најмалку 10% од бројот на членови на Огранокот. Доколку по истекот на половина час од закажаниот термин нема присуство од 10%, Собирот ќе работи и ќе одлучува со присутните на Собирот”.

    Од ова произлегува и согледувањето на Трлин дека „самата организација ни статутарно  нема интерес за масовност во работењето“и самата одредба дозволува „манипулативно организирање и носење одлуки во име на мнозинството членови заради наводна легалност“. И додава, дека една од целите на иницијативата е да се намали фиктивниот број членови во здруженијата, а вистинските членови да почнат да работат во правец на менувањето на статутарната рамка за подемократско организирање, делување и остварување на  статутарните цели.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично