
Сувомесните производи, дистрибуцијата и модерната производствена мрежа повторно му донесоа стабилен раст и позитивен резултат на „Пекабеско“ АД во првите девет месеци од 2025 година. Компанијата, која веќе со децении е симбол за квалитет во домашната прехранбена индустрија, продолжува да го зацврстува своето лидерско место на пазарот преку балансирано работење, внимателно управување со трошоците и континуирани инвестиции во технологија и логистика.
Во периодот јануари – септември 2025 година, „Пекабеско“ оствари вкупни приходи од 4,622 милијарди денари (74,7 милиони евра), што е раст од пет проценти во однос на истиот период лани. Од нив, дури 99 проценти потекнуваат од продажбата на готови производи, стоки и услуги, што уште еднаш ја потврдува силната позиција на компанијата во сегментот на сувомеснати производи и дистрибуција на храна.
Вкупните расходи изнесуваат 4,430 милијарди денари (72 милиони евра), што исто така е зголемување од пет проценти во однос на минатата година. Иако движењата на приходите и трошоците се речиси синхронизирани, растот на приходите овозможи компанијата да ја задржи позитивната разлика од околу 3 милиони евра, што ја претставува нето-добивката пред оданочување. Ова покажува дека „Пекабеско“ успеало да ја одржи оперативната ефикасност и профитабилноста, дури и во услови на повисоки трошоци за енергија, транспорт и суровини.
Во истиот период, компанијата инвестира насочени претежно во нови производствени линии, транспортни возила и компјутерска опрема, што потврдува дека стратегијата на раст на „Пекабеско“ не се потпира само на проширување на продажбата, туку и на подобрување на инфраструктурата и дигиталните процеси.
На 30 септември 2025 година, вкупната задолженост на компанијата изнесувала 5,6 милиони денари, што претставува зголемување од 45 проценти во споредба со крајот на претходната година. Иако тоа на прв поглед може да изгледа како повисоко оптоварување, задолженоста има јасно инвестиционен карактер, средствата се насочени кон развојни цели и модернизација. Во прилог на тоа оди и фактот што „Пекабеско“ нема репрограмирање на обврските ниту кон банките, ниту кон добавувачите, што значи дека ликвидноста останува стабилна и компанијата ја сервисира својата задолженост без притисоци.
Бројот на вработени изнесува 416 лица, што е зголемување за осум во однос на истиот период од 2024 година. Овој податок, иако скромен, ја одразува тенденцијата на постепено ширење на производните и логистичките капацитети, а со тоа и на ангажман на нов кадар во клучните сектори.
Во деветмесечниот период не е исплатена дивиденда, што е во согласност со стратегијата на компанијата да го задржи капиталот за нови вложувања и зајакнување на сопствените ресурси.
Менаџментот на „Пекабеско“ оценува дека работењето се одвива согласно планираните резултати и дека компанијата е во стабилна позиција да продолжи со раст до крајот на годината. Залихите на готови производи и репроматеријали се одржуваат на соодветно ниво, без нарушување на ликвидноста, а пазарната побарувачка за месни и сувомесни производи останува висока и стабилна.
Аналитика








