Во бизнисот најчесто се слават рекордните профити, високите приходи и финансиските достигнувања. Тоа се бројките за кои се зборува – репер за успешноста. Сепак, постојат компании ориентирани кон повисоки цели – да создаваат нешто позначајно што ќе се одрази како влијание врз вредносниот систем. Брендови што не го градат имиџот само со луксуз и прецизност, туку и со општествена визија и културна свест.
Има такви примери и во македонската економија, а меѓу нив е „Божиновски часовници и накит“ – компанија што веќе три децении не ги следи само трендовите на глобалниот луксуз, туку и ја предводи трансформацијата на корпоративната култура во земјата.
Во време кога секоја деловна вест се сведува на бројки, „Божиновски часовници и накит“ потсетува дека вистинскиот успех не се мери само со приходот и добивката, туку со трајната вредност што се создава за луѓето, културата и за иднината.
И покрај тоа што компанијата работи со скромен нето-профит во однос на големината на своето портфолио, нејзината бизнис стратегија одамна ги надминала границите на класичното трговско работење. „Божиновски“ последниве две децении е активен партнер и поддржувач на најзначајните културни, уметнички и општествени проекти во земјава.
„Нашиот пат никогаш не бил диктиран исклучиво од финансиските резултати, туку од желбата да оставиме позитивен печат во општеството. И кога најмногу растевме, инвестиравме уште повеќе во другите: во уметноста, во младите, во културното наследство и во оние на кои помошта најмногу им значи. Затоа, секоја година, без разлика на бројките, ние продолжуваме да градиме бренд кој не блеска само во излозите, туку и во срцата на луѓето“, велат од „Божиновски“.
„Божиновски“ веќе 18 години се стратешки партнер на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ – не како спонзор, туку како сојузник на културата. Оваа поддршка е дел од нивната днк, исто како и ангажманот со најрепрезентативните културни настани: „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“, современи театарски претстави со силна општествена порака и урбани музички проекти како „Крај Вардарот сесии“.
Овие програми не се случајни. Тие се мостови меѓу локалната заедница и културната сцена.
Особено се значајни долгогодишните соработки со најголемите македонски уметници – имиња кои ја носат Македонија на светската сцена. Влатко Стефановски, Симон Трпчески, Милчо Манчевски… Овие уметници не се само икони, туку гласот на културниот идентитет на оваа земја. „Божиновски“ стои зад нив како вистински сојузник, не само финансиски, туку и суштински: со поддршка што гради, охрабрува и инспирира.
Компанијата е основач и на Фондацијата „Божиновски“, преку која инвестираат стратешки во културни, спортски и технолошки иницијативи. Тоа не се еднократни донации, туку системски вложувања во општеството – во иднината на децата, уметноста, науката и сите оние тивки херои што го држат ткивото на оваа земја.
Не помалку важен е и човечкиот капитал. „Божиновски“ верува дека вистинскиот бренд почнува од вработените. Работната култура во Божиновски се темели на отворен дијалог, менаџмент, простор за учење од грешки и систем што го гради лидерството од внатре. Тоа е модел што го задржува човечкиот капитал и креира бизнис-организам со висока отпорност и кредибилитет на долг рок.
„Да, финансиските резултати се важни. Но за нас, тие се само една димензија од поголемата слика. Најголемата добивка е довербата на клиентите, партнерите, вработените и пошироката заедница. Ние не градиме само бизнис – туку заедништво. И затоа знаеме дека секоја инвестиција што ја правиме во културата, во луѓето и во општеството е инвестиција што враќа – не веднаш, но засекогаш“, укажуваат од „Божиновски“.