Казни во износ од речиси шеесеттина илјади евра изрекле инспекторите за само една недела, од 15 до 21 месецов. Во тој период Државниот пазарен инспекторат извршил над 600 надзори поврзани со редовното работење и повеќе од 170 кои произлегуваат од примената на владините одлуки.
За констатираните неправилности се издадени над 110 прекршочни платни налози во вредност од над 2.660.000 денари или повеќе од 43 илјади евра. Се работи за утврдени непочитувања на законите за трговија, за финансиска дисциплина, за заштита од пушење, за угостителска дејност, за туристичка дејност, за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, за заштита на потрошувачи и за енергетика.
Што се однесува до инспекциските контроли согласно одлуките донесени од Владата – за замрзнување на цените, одредување највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на увозниците и на трговците да доставуваат стоки по претходно утврден редослед – издадени се 53 прекршочни платни налози. Нивната вредност е од над 1.150.000 денари или речиси 18,7 илјади евра.
Од ДПИ информираат дека сите тие имаат можност да ги платат прекшочните платни налози, или да го остварат своето право, доколку имаат забелешка, во судска постапка. Инспекторите кои детектирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта и ќе ги застапуваат и бранат законите.
Инспекторите остануваат на терен. Целта, посочуваат од ДПИ, не е само да се казнуваат вршителите на трговска дејност, туку на тој начин да се изврши едукација, за да не ја направат повторно истата грешката.
Исто така, од Инспекторатот ги охрабруваат граѓаните, доколку забележат неправилности или се сомневаат на измама, веднаш да реагираат и да достават пријава на веб страницата https://www.dpi.gov.mk/index.php/mk/odnosi-so-javnost/prijava-od-gragjani/view/form или преку да се јават на 02/3162 341.