За една година бројките и на невработените и на вработенте во земјава бележат вкупно намалување за повеќе од 16 илјади лица. Работната сила се намалува и државата мора да преземе мерки за спречување на натамошниот – не одлив, туку егзодус, сугерира во својот статус на „Фејсбук“ даночниот експерт и познавач на состојбите во македонската економија, Павле Гацов.
„Бројот на невработени во Македонија за една година (2023 во однос на 2022) паднал за повеќе од 12,5 илјади.
За истиот период и бројот на вработени паднал за повеќе од 3,7 илјади лица. За една година, повеќе од 16 илјади лица недостасуваат во двете евиденции заедно.
Се апстрахираме од природниот влез и излез во оваа евиденција. „Парадоксот“ е во егзодусот на кадрите (одлив е веќе слаб збор).
Потребни се политики за задржување на работниците (особено на младите и професионалците), и особено политики за вклучување во регуларната економија на непријавените (сива/црна економија), и конечно политика на враќање на кадрите кои заминале (за ова не е доволно само зголемувањето на платите…)“, пишува Гацов за „парадоксот“ на статистиката на невработените и вработените.