ЈА БИРАМ МАКЕДОНИЈА.
СЕ ВРАЌАМ ДОМА.
Но, зошто, … и под кои услови? – Прашува и дава одговори даночниот експерт Павле Гацов, во својот статус на Фејсбук. Неговите размислувања за тоа како да се дојде до поинаква Македонија, во која ќе посакаат да се вратат иселените, ги пренесуваме во целост.
Со високите цени на зеленчукот, повторно е атрактивно одгледувањето на градинарски производи во Македонија. Ова важи и за многу други земјоделски и сточарски производи.
Економистите знаат: Цените се високи, зашто понудата е слаба… нема кој да произведува. Но, ова е констатација по учебник.
На терен не врши работа зборувањето и констатирањето на очигледното… треба акција и резултати.
Потребни се земјоделски политики на терен (политичките изјави и пароли залепени насекаде НЕ даваат резултати – ниту еден патлиџан нема да се роди од нив).
Факти: Младите земјоделци се иселија. Нивните родители нѐ хранат засега, но до кога? Земјоделските површини околу Стајковци и Смиљковци стануваат паркинзи за камиони, така е и на други места. Некаде и фотоволтаици се монтирани на земјоделско земјиште. Нова акумулација не е изградена половина век (исклучок е браната Конско кај Гевгелија).
Државата како да дигнала раце од многувековната традиција на Македонците, да произведуваат зеленчук… и да го хранат целиот Балкан. Наши патлиџани и пиперки се јадеа од Словенија до Софија (Бугарија). Памтам разговори со наши камионџии кои возеа камиони со македонски пиперки во Русија и кои не успевале да стигнат до крајната дестинација во двомилионските руски градови, зашто пиперките ги продавале за кеш уште на паркинзите кога одмарале… Домаќинките се информирале за македонските пиперки со довикување.
Сега зеленчукот го произведува Албанија, Србија и другите соседи. Ние купуваме и се жалиме колку е скапо.
Потребни се политики за враќање на младите земјоделци… ни требаат и градежниците, занаетчиите, угостителите… НИ ТРЕБААТ СИТЕ кои можат да живеат добро и овде меѓу своите. Сепак, сите не успеаја да се снајдат, бегајќи од нефункционалната татковина.
Владата да промовира сет на мерки за враќање на нашите дома:
ЈА БИРАМ МАКЕДОНИЈА.
СЕ ВРАЌАМ ДОМА.
Потребни се политики за стимулирање на враќањето, но не само со зборување и изјави. На зборовите никој не верува, веруваме само во дела.
…Подобрување на инфраструктурата по селата, субвенционирање на набавката на модерна механизација, стада, садници, опрема… Повластено кредитирање со ослободување за делот на каматата (на товар на државата) даночно ослободување… Посебно мотивирање на отворање бизнис во Македонија (со 3-годишно ослободување од данок на добивка), ослободување од комуналии за изградба на производен погон, доделување на државно земјиште за бесплатно користење на период до 5 години…
Очекуваме од политичарите да гледаат зад ридот, а не да гаснат „пожари“ со изјави од типот: „Благодарение на Владата“, или, пак, „Во наше време“. Дегутантно е.
Ни требаат нашите луѓе кои сакаат да се вратат во поинаква Македонија.