ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: ДАЛИ Е ИСПЛАТЛИВО ДА СЕ РАБОТИ ВО ГЕРМАНСКА ФИРМА во Македонија?

    Време зa читање: 4 минути

    Најголемите 10 компании по број на вработени, а со германски сопственик, имале 12.052 вработени работници во 2022 година. Во истите овие компании во 2021 година имало 10.879 вработени, што значи дека најголемите германски работодавачи станале уште поголеми.

    Германските работодавачи се значајни во македонското стопанство, а во над двесте компании коишто работат тука, има околу 20.000 вработени.

    Порталот Пари анализира кои се најголемите германски работодавачи според бројот на вработени и дали се исплати да се работи во некоја германска компанија. Вкрстувањето на податоците покажува дека само една од ТОП десетте компании со најголеми плати е во групата ТОП 10 најголеми работодавачи со германски сопственик.

    Податоците од БизнисМрежа.мк покажуваат дека работењето во малите компании со германски

    сопственик е најпрофитабилно. Тоа е очекувано, со оглед на фактот дека трудоинтензивните гранки секогаш се помалку платени.

    Најсреќни се оние што работат во СНК теамс. Таму просечната нето-плата минатата година изнесувала 129.713 денари, а имало 11 вработени.

    „СНК е компанија што комбинира стратегија, корисничко искуство, технологија и маркетинг, за да создаде извонредни искуства на клиентите. Нивната заложеност е да се зајакне интеракцијата меѓу компаниите и нивните клиенти, како и оживување на брендовите и производите“, пишува во претставувањето на оваа компанија од страна на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

    Најниска плата меѓу десетте работодавачи со германски сопственик што давале највисоки плати е во Друштвото за инженеринг и консалтинг Коленко. Таму имало 10 вработени, а просечната нето-плата била 66.862 денари.

    Со повеќе вработени меѓу германските работодавачи што давале највисоки плати е Еколог од Тетово. Таму лани имало 170 вработени, а просечната нето-плата им била 89.694 денари. Компанијата е во дејност Вода, отпад и санација на околина.

    Што се однесува до другите компании, Фохит и Мима ИТ сервисис се од информатичката дејност, Шмиц Каргобул се занимава со продажба на нови и користени товарни приколки и полуприколки исклучиво од брендот на Schmitz Cargobull AG, Куипу е друштво за трговија и услуги, Фукс мак се занимава со моторни и индустриски масла, преку Леистунгсверк од Македонија се врши корисничка поддршка на истоимената германска компанија за телекомуникации, а Прокредит репортинг е советодавно друштво.

    Сепак, кога станува збор за просечни плати секогаш има опасност од народната еден јаде компир, друг месо – заедно јадеме компир-манџа.

    Во групата на ТОП 10 најголеми работодавачи каде што има германски сопственик, само тетовски Еколог е од горенаведените компании.

    На прво место по број на вработени е Дмм Дрекслмајер мануфактуринг од Кавадарци. Оваа компанија од автомобилската индустрија вработува дури 6.213 работници, а просечната плата минатата година била 22.511 денари. Дрекслмајер е втор најголем работодавач во земјава, веднаш зад Кромберг и Шуберт, кој иако е асоцијација на германска фабрика, според податоците на БизнисМрежа.мк сопственикот е со адреса во Австрија.

    Најголем дел од најголемите работодавачи со германски сопственик се поврзани со автомобилската индустрија.

    Просечната исплатена месечна нето-плата во 2022 година изнесувала 31.859 денари, што значи дека од ТОП 10 најголеми работодавачи каде што има германски сопственик, натпросечна имало во охридски Костал, во Маркарт, во Семак фешн и во Еколог, додека кај другите просекот е под републичкиот.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично