Шест странски компании пројавиле интерес за поставување интелигентен транспортен систем (ИТС) на македонските патишта, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. За воведување на системот веќе се подготвуваат измени на пет закони, што претставува и една од обврските од реформската агенда на државата.
Активностите се реализираат во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа и Делегацијата на Европската Унија.
„Веќе изменуваме пет закони кои ќе овозможат воведување интелигентни транспортни системи“, рече Николоски по промоцијата на новите возила за Државниот транспортен инспекторат, обезбедени како донација од ЕУ.
Тој потсети дека во соработка со Светската банка и со грант од 13 милиони евра преку Механизмот за поддршка на Западен Балкан веќе е во завршна фаза постапката за инсталација на паметен транспортен систем на Коридорот 10. Изработена е проектна документација за воведување системи за контрола на тежината на возила при движење (WIM), за контрола на движење возила што превезуваат опасен товар (HAZMAT) и за мерење загадување на воздухот по должината на Автопатот А1 (Е75). Воедно, Николоски најави дека во следниот период ќе се работи и на Коридорот 8.
Интелигентните транспортни системи овозможуваат дигитално управување со сообраќајот, следење на состојбата на патиштата во реално време, побрза реакција при сообраќајни незгоди, подобро информирање на возачите и поефикасно управување со сообраќајниот метеж, со што се зголемува безбедноста и проточноста на патниот сообраќај.
Аналитика








