Падот на дознаките од македонските иселеници во 2024 година го отвора прашањето што одамна се насетува: дали Македонија само се празни од луѓе или истовремено ги губи и економските врски со својата дијаспора? Трендот вели дека сè повеќе луѓе се иселуваат, а дознаките што ги испраќаат назад се помали.
Официјалните податоци од пописот покажуваат дека за 20 години населението е намалено на 1,8 милиони жители. Но, реалната бројка на отселени можеби е уште поголема: според процените, само во последните 4-5 години државата ја напуштиле околу 150.000 луѓе. Се поставува прашањето ‒ дали овие луѓе се трајно отселени заедно со своите семејства, што би објаснило зошто повеќе не испраќаат пари, или, пак, зголемените трошоци за живот во странство ги приморуваат да трошат повеќе таму и да заштедат помалку за своите блиски дома?
Според последните податоци од Народната банка на Македонија, во 2024 година иселениците пратиле во татковината 2.270 милиони евра, што е за околу 100 милиони евра помалку отколку во 2023 година. Но, гледано наназад, износот на парите што ги праќаат иселениците постојано се зголемуваше. За 10 години е зголемен за речиси 1 милијарда евра, а за 20 години за дури 1,8 милијарди евра. Во 2004 година, приливите од дијаспората изнесуваа само 478 милиони евра.
Карактеристично е дека овие пари пристигнуваат во Македонија во најголем дел во готовина. Потоа преку менувачниците се евидентираат во домашните финансиски текови. Тоа го знаат и во Народната банка и затоа го евидентираат како тековни трансфери кон домаќинствата преку менувачкото работење. Во 2024 година, од вкупно 2.270 милиони евра, дури 1.688 милиони евра се евидентирани преку менувачниците, односно како нето-откуп на девизи од страна на менувачниците во земјава.
Само за време на пандемијата, како резултат на ограничената мобилност во тој период, а со тоа и на можностите за носење на дознаките во готовина, парите главно биле испраќани преку банките и преку каналите за брз трансфер на пари.
Ги анализираме овие бројки, но и скриените причини зад овој тивок пресврт. Дали се менува начинот на живеење на дијаспората и што значи тоа за економијата дома? Дознаките од странство се многу битна ставка во македонската економија. Нивниот обем е колку една третина од годишниот државен буџет и претставува голема поддршка за економијата и за растот на бруто-домашниот производ преку личната потрошувачка на граѓаните, но и преку нивните инвестиции во капитал. Се оценува дека најголем дел од овие приливи (околу 80 насто) е наменет за тековна потрошувачка. Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат втора најзначајна компонента на реалниот расположив доход на населението, по платите. Според претходни анализи на НБРМ, дознаките сочинуваат над една четвртина од расположивиот доход на населението во земјава.
Овој финансиски прилив е значаен за Македонија и покрај тоа што е релативно мал во однос на БДП, споредено со другите земји во регионот. Учеството на приватните трансфери од иселениците во македонскиот БДП официјално не е поголемо од 3 насто. Тоа е далеку помало од нивото во Косово, на пример, каде што во 2024 година учеството во БДП на дознаките од иселениците изнесува дури 17,3 насто, со што Косово е меѓу топ 20 земји во светот со ниско или средно ниво на приходи. Но, малиот удел на приватните трансфери во македонскиот БДП е измерен само преку евиденција на приливите преку официјалните канали за трансфер на пари (банки и брз трансфер на пари). Заедно со парите што доаѓаат како готовина се смета дека учеството на приватните трансфери во домашниот БДП е околу 14 насто.
Ако продолжи трендот на намалување на дознаките од иселениците, тоа ќе биде неповолен фактор за посакуваниот позначителен раст на македонскиот БДП. На глобално ниво, Светска банка очекува раст од 2,8 насто на дознаките од иселениците во 2025 година, со што нивниот вкупен износ треба да достигне 690 милијарди долари.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска