Компанијата Фолксваген денеска го информираше синдикатот ИГ Метал дека раскинува голем број договори со вработени во шест германски фабрики, вклучително и договор за гарантирање на работните места до 2029 година, соопшти синдикатот.
Најголемиот европски производител на автомобили се обидува да ги намали трошоците додека се обидува да се натпреварува со поевтините азиски ривали, меѓу другото, со намалување на бенефициите за работниците, што доведе до судири со нив, објави Ројтерс.
Ваквите потези на Фолксваген претставуваат закана за затворање на фабриката во Германија за прв пат во нејзината 87-годишна историја, што предизвика загриженост кај германската влада и светскиот автомобилски сектор. Шефот на работничкиот совет на Фолксваген вети жесток отпор на отпуштањата и затворањето на фабриките, обвинувајќи го менаџментот на компанијата за проблемите на компанијата.
ИГ Метал претходно објави дека би можел да размисли да премине во четиридневна недела како алтернатива за затворање. Почетокот на преговорите меѓу работниците и раководството беше најавен од средината на октомври, а штрајкови се можни од крајот на ноември, пренесува Ројтерс.
Проблемите на Фолксваген се случуваат во време на економска несигурност, со слаб раст, повисоки цени на енергијата и прашања поврзани со трговските врски со профитабилниот кинески пазар, пренесува Танјуг.