Уставниот суд денес ќе ја оценува уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, иницијатива поднесена од оштетените штедачи на Еуростандар банка. Штедачите кои чекаат пред Уставниот суд уште еднаш потенцираа дека овој член е генератор којшто продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.
-Ние сме единствена земја во Европа која нема предвидено надомест за загубените депозити на правни лица при пропаѓање на банка. Јавноста треба да знае дека ниту едно од 2.000 правни лица не доби ниту денар обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Многу од нив се на работ од опстојување, некои можеби веќе се банкротирани, вработените оставени на улица. Тоа генерира поширока економска и социјална несигурност. Сосема спротивно од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања, велат оштетените штедачи.
Штедачите од Еуростандар банка велат дека во стечајната постапка нема доволно средства за надомест на нивните пари.
-Во апсолутна смисла е загрозена нашата сопственост врз тие средства. Причината за ваквата состојба во стечајот е монополската позиција на Фондот за осигурување на депозити. Генератор на промените на ваквата состојба во финансискиот систем и банкарскиот сектор гледаме во укинување или поништување на член 163 став 3 од Законот за банки. Сметаме дека со негово укинување или поништување ќе се постигне позитивен ефект не само во стечајната постапка за Еуростандард банка, туку тоа ќе предизвика потреба од темелна реформа на законодавството од областа на банкарското работење. Со тоа ќе се надмине сегашната состојба според која сите во однос на Фондот за осигурување на депозити се во подредена положба, додека правните лица не само што не се еднакви, дури трпат и дискриминација, велат штедачите.