ПОВЕЌЕ

    ОСНОВАН МЕЃУОПШТИНСКИОТ ОДБОР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД за Пелагонискиот и Југозападен регион

    Време зa читање: 3 минути

    Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион денес, во Скопје, официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), кој треба да претставува формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад.

    Со ова, како што беше кажано на средбата, државата прави решителен чекор кон воведување модерен, координиран систем за управување со отпад по европски стандарди. Договорот за воспоставување на МОУО го потпишаа присутните градоначалници на Новаци, Битола, Прилеп, Кичево, Охрид, Пласница, Струга, Крушево, Могила, Кривогаштани, Вевчани, Демир Хисар, Македонски брод и Долнени.

    Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО)  e суштински чекор во воспоставувањето на целосно координиран регионален систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион, рече Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање. „Се работи за капитален проект, којшто сме решени како Влада да го реализираме. Имавме многу предизвици на патот кој го одевме до сега, но со завршувањето на локалните избори и воспоставувањето на новите раководства на општините од регионот, очекуваме процесот успешно да се приведе кон крајот. Управувањето со отпад е тешка тема за сите нас, а најмногу за граѓаните“, рече Лошковска.

    Таа информираше дека со воспоставувањето на МОУО всушност започнува следната фаза од реформата за управување со отпад, која вклучува пред сѐ изработка на нов Регионален план за управување со отпад 2026–2032, финализирање на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, при што ќе бидат набавени и возилата за транспорт на отпад, кој ќе им биде потребен на општините, како и засилен ангажман за целосно и навремено информирање на јавноста, како активности кои се суштински за воспоставување целосно оперативен РСУО.

    Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС: „Ако имплементацијата на овој проект се покаже како успешно, тој потоа полесно ќе се преслика и во другите региони. Во минатото имаше недоразбирања кои ги надминавме во интерес на желбата сите ние да дишеме почист воздух, да пиеме поквалитетна вода“. Таа нагласи и дека, во иднина, посебно кога се работи за проекти од општо значење, е потребно да се смени финансирањето на општините, наведувајќи го примерот на Шведска, каде половина од приходите од даноците се враќаат во локалната самоуправа, додека во Македонија едвај пет проценти се враќаат во општинските каси.

    Новоформираното тело ќе има обврска да усвојува регионални планови за управување со отпад, ги одобрува клучните инвестиции во регионалната инфраструктура, координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии,

    го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот.

    Активностите се спроведени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од шведската асоцијација на локалните самоуправи SALAR International. Шведска и Швајцарија, како долгорочни партнери даваат поддршка во процесот, обезбедувајќи стабилност, експертиза и кредибилитет во секоја фаза од реформата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично