ПОВЕЌЕ

    ОСИГУРУВАЊЕ НА ЖИВОТ: Граѓаните колку вложиле толку и наплатиле – по еден милион евра

    Време зa читање: 3 минути

    Нешто повеќе од еден милион евра исплатиле во јули петте компании за осигурување живот. Износот е за 19 насто поголем во споредба со истиот месец минатата година.

    На осигурениците или на носителите на правото за обесштетување во јули им биле надоместени 62,4 милиони денари. Средствата се исплатени за штети кои ги покрива осигурувањето – заради смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна или со инвестициска компонента. Ова се прелиминарни податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување ги доставиле осигурителните друштва.

    Притоа, договорите за осигурување живот со штедна компонента се со најголемо учество во рамки на исплатените средства. Конкретно, во јули осигуреници наплатиле 50,3 милиони денари или 818 илјади евра. Инаку, овој производ покрај осигурување живот ја дава и можноста – по истекот на рокот на договорот осигуреникот да ги добие вложените пари со пресметана камата. Поради тоа овој тип на осигурување живот се нарекува осигурување со учество во добивката.

    Од АСО информираат дека осигурителните компании во јули исплатиле 6,3 милиони денари, односно 102 илјади евра на семејства или носители на правото за исплата на штета во смртни случаи на лица кои го осигурале својот живот. И појаснуваат дека овој вид осигурување не вклучува учество во добивка. Осигуран е само ризикот смрт и доколку не се случи во договорениот временски период за кој важи осигурувањето, вложените средства ги задржува осигурителната компанија со која е склучен договорот.

    „Кај најновиот тип на осигурување живот на нашиот пазар популарно познат под називот јунит-линкд осигурување компаниите во јули исплатиле 5,56 милиони денари или 90.000 евра. Овој производ покрај осигурување живот нуди и вложување на дел од парите во хартии од вредност со кои се тргува на светските берзи.

    Токму заради тоа што осигуреникот избира во какви хартии од вредност ќе се вложат неговите средства кај овој тип на осигурување ризикот од вложувањето е на товар на осигуреникот“, образложуваат од Агензијата за супервизија.

    Во јули граѓаните вложиле 64,5 милиони денари, односно 1,05 милиони евра во сите типови на осигурување живот. Повеќе од половина од вкупниот износ се однесуваат на полиси со кои е осигуран само ризикот смрт и кои не носат право на учество во добивката.

    Во првите седум месеци годинава, наведуваат од АСО, граѓаните во осигурување живот вложиле 1,21 милијарда денари или 20 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично