ПОВЕЌЕ

    ОПТИМИЗАМ И РИЗИЦИ: Македонската економија ќе расте, но со ограничен простор за маневри

    Време зa читање: 4 минути

    Македонија ја започнува есента со подобри економски резултати од очекуваното и со ревидирани прогнози нагоре од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Додека дел од регионот се соочува со забавување и намалени очекувања, домашната економија покажува знаци на стабилност поткрепени со раст во градежништвото, инвестициите и приватната потрошувачка. Но, зад охрабрувачките бројки стојат и сериозни предупредувања – ограничен фискален простор, надворешни шокови и структурни слабости кои лесно можат да го закочат позитивниот тренд.

    Македонската економија, според најновиот есенски извештај ЕБОР, ќе оствари раст од 3 проценти и во 2025 и во 2026 година. Станува збор за нагорна ревизија во однос на мајската проекција, зголемување за 0,4 процентни поени за 2025 и за 0,3 поени за 2026 година. Банката укажува дека резултатите во првата половина од годинава биле подобри од очекуваното, со силни перформанси во градежништвото и зголемените инвестиции. Растот на реалниот БДП во првиот квартал од 2025 година изнесувал 3 проценти на годишно ниво, а во вториот се искачил на 3,4 проценти, првенствено поттикнат од градежништвото, производството и трговијата.

    Домашната побарувачка останува главен двигател, засилена од зголемувањето на приходите и стабилизирањето на инфлацијата. Изградбата на автопатските делници долж паневропските коридори 8 и 10, како и локалните општински инвестиции пред изборите кон крајот на 2025 година, според ЕБОР, дополнително ќе ја поттикнат економската активност. Потрошувачката на домаќинствата, поддржана од раст на реалните плати и владините трансфери, се очекува да остане стабилна во наредниот период.

    Сепак, извештајот нотира и одредени слабости. Дефицитот на тековната сметка во првата половина од годинава се зголемил за 66 проценти, што е последица на послаби резултати во трговијата со услуги и намален прилив од дознаки. Инфлацијата, пак, по укинувањето на ограничувањата за маржата на профит кај одредени основни производи, во јули достигна 4,8 проценти, пред повторно да се намали на 4,4 проценти во август. Фискалната политика и натаму е експанзивна, со ревидиран дефицит за 2025 година од 4 проценти од БДП, а до јули дефицитот изнесувал 2,5 проценти од проектираниот БДП поради побрз раст на расходите во однос на приходите.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е уште пооптимистична од ЕБОР и очекува дека годинава економијата ќе оствари раст од 3,7 проценти. Таа нагласува дека посебно радува фактот што растот сè повеќе го носи приватниот сектор, наместо јавната потрошувачка, и посочува дека градежништвото повторно бележи силен подем со стапки над 7 проценти, додека и земјоделството конечно покажува позитивни резултати.

    Ризиците за економските перспективи, како што наведува ЕБОР, произлегуваат од ограничениот фискален капацитет, нестабилноста на глобалните пазари и структурните промени во европската автомобилска индустрија. Додадено, се предупредува и на влијанието од геополитичките тензии, американските царини и конкуренцијата од Кина.

    Во регионален контекст, Македонија со проектираниот раст од 3 проценти се наоѓа во средината. Највисок раст годинава ќе има Косово со 3,9 проценти, следено од Албанија со 3,5, додека најслаб е Босна и Херцеговина со 2,2 проценти. Србија бележи пад на прогнозите, од претходно очекувани 3,5 на 2,5 проценти за оваа година, а за наредната растот се предвидува на 3,3 проценти. Просечниот раст на Западен Балкан се очекува да изнесува 2,7 проценти во 2025 година и 3,2 проценти во 2026 година. На ниво на сите економии каде што е присутна ЕБОР, годинава се проектира раст од 3,1, а за 2026 година 3,3 проценти.

    Иако прогнозите за македонската економија се стабилни и во нагорна насока, останува предизвикот како да се справи со структурните ограничувања и ограничениот фискален простор, со цел позитивните трендови да се задржат и да се трансформираат во одржлив долгорочен раст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично