Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во месечен извештај објави дека очекува глобалната побарувачка на нафта во просек да достигне 99,1 милиони барели дневно во првиот квартал од следната година, што е за 1,1 милион барели повеќе од прогнозата од минатиот месец.
„Дел од закрепнувањето што претходно се очекуваше во четвртиот квартал од оваа година е поместено во првиот квартал од следната година, по што ќе следи поинтензивно закрепнување во текот на втората половина на 2022 година“, се вели во извештајот на меѓународната организација.
Тој предвидува дека влијанието на новата омрикон варијанта на корона вирусот ќе биде благо и краткотрајно, пренесува Данас.
Цената на нафтата ослабе за 10% на 26 ноември, кога се појавија информации за омрикон, бидејќи трговците се плашеа од нов удар врз побарувачката. Но, ОПЕК и неговите сојузници на 2 декември одлучија да се држат до планираното зголемување на производството за јануари, што е коцкање што се чини дека се исплатеше со стабилизирање на цените.
Во извештајот, ОПЕК ја задржа својата прогноза дека глобалната побарувачка на нафта ќе се зголеми за 4,1 милиони барели дневно во 2022 година. Прогнозата за раст за оваа година исто така остана непроменета.
Светската потрошувачка се очекува да ја надмине границата од 100 милиони барели дневно во третиот квартал од 2022 година, според минатомесечната прогноза. Годишно, според податоците на ОПЕК, светот последен пат користел повеќе од 100 милиони барели нафта дневно во 2019 година.