ПОВЕЌЕ

    ОПЕК+ ГО ОТПЛЕТКУВА ОРМУДСКИОТ ЈАЗОЛ – најави зголемено производство на сурова нафта за стабилизација на пазарот

    Време зa читање: 3 минути

    Глобалните цени на нафтата се зголемија во понеделник наутро откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со потенцијални напади врз енергетската и друга инфраструктура на Иран доколку не ја укине блокадата на Ормутскиот теснец до вторник.

    Сепак, порастот не беше висок со оглед дека, само неколку часа претходно Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучувајќи ја и Русија – заедно познати како ОПЕК+ – одлучија да го зголемат производството во мај.

    Околу 7:15 часот наутро, јунскиот договор за Брент на Интерконтиненталната берза се тргуваше на 110,58 долари, што е повисоко за 1,42% од претходното затворање. Мајскиот договор за West Texas Intermediate (WTI) на NYMEX малку се зголеми за 0,32% на 111,90 долари за барел.

    Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК+) се согласија да го зголемат производството на сурова нафта, бидејќи конфликтот на Блискиот Исток продолжува да го нарушува сообраќајот на нафта што минува низ Ормускиот теснец.

    Членовите на ОПЕК+ се состанаа виртуелно во неделата, а потоа објавија планови за зголемување на квотите за сурова нафта за 206.000 барели дневно во мај, бидејќи Ормускиот теснец, кој е најважниот пат во светот за црно злато, продолжува да се соочува со нарушувања како резултат на конфликтот меѓу САД и Иран.

    Сепак, скромното зголемување договорено од осумте клучни земји производители – Саудиска Арабија, Русија, Ирак, ОАЕ, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман – веројатно нема да ги намали цените на нафтата, бидејќи претставува помалку од 2% од снабдувањето нарушено од затворањето на Ормускиот теснец. Покрај тоа, зголемувањето е повеќе симболично отколку материјално, бидејќи нафтата не може да се извезува сè додека не се отвори Ормускиот теснец.

    „Во својата колективна посветеност за поддршка на стабилноста на пазарот на нафта, осумте земји учеснички одлучија да спроведат прилагодување на производството од 206 илјади барели дневно од дополнителните доброволни прилагодувања од 1,65 милиони барели дневно, објавени во април 2023 година. Ова прилагодување ќе се спроведе во мај 2026 година“, се вели во соопштението на групата.

    Во соопштението на членовите, исто така, се наведува дека 1,65 милиони барели дневно може да се вратат делумно или целосно, во зависност од еволуирачките пазарни услови и постепено.

    „Земјите ќе продолжат внимателно да ги следат и проценуваат пазарните услови, а во нивните континуирани напори за поддршка на стабилноста на пазарот, тие ја потврдија важноста од усвојување на претпазлив пристап и задржување на целосна флексибилност за зголемување, паузирање или враќање на постепеното укинување на доброволните прилагодувања на производството, вклучително и враќање на претходно спроведените доброволни прилагодувања од 2,2 милиони барели дневно, објавени во ноември 2023 година“, се вели во соопштението.

    Најновото соопштение од ОПЕК+ доаѓа во време кога цените на нафтата се зголемија откако започна конфликтот во Иран, при што Брент и американската сурова нафта се приближуваат до 120 долари за барел, зголемувајќи ги трошоците за гориво и вршијќи притисок врз потрошувачите и бизнисите ширум светот.

    Во меѓувреме, J.P. Morgan во белешка во четвртокот изјави дека цените на нафтата би можеле да достигнат и до 150 долари за барел ако протокот на снабдување остане нарушен до средината на мај.

    Американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок на Иран до вторник да го отвори Ормутскиот теснец и вети дека во спротивно ќе ги погоди електраните и мостовите во земјата.

    (Фото: седиштето на ОПЕК во Виена, C.Stadler/Bwag – Own work, CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично