ПОВЕЌЕ

    КОЈ ПРАВИ НАЈГОЛЕМ ПРОФИТ? Банките без конкуренција, „Интерпромет“ со плус 80270,51%!

    Време зa читање: 4 минути

    Има успешни компании со високи резултати, но банките во Македонија се вон конкуренција. За нашите поимања кои, сакале или не, се засновани на општиот амбиент во кој доминираат темните нијанси на сиво, добивките што ги остваруваат се вртоглави. И со секое наредно „мерење“ се се повисоки. Не е во ред констатацијата дека во земјава банките се тие што најдобро работат, но дека банкарскиот „занает“ е најрентабилен – тоа е сигурно.

    Врвот на берзанската листа за постигнатите финансиски резултати на котираните друштва е резервиран за големата банкарска тројка. Потоа се сите други кои, според прикажаните бројки од работењето во периодот од први јануари до 30 септември, се повеќе или помалку успешни.

    За една година Комерцијална банка повеќе од двојно ја зголемила добивката – за 64,67 проценти. Челната позиција ја држи со реализираниот профит од 49,6 милиони евра.

    Со забележани 40,3 милиони евра низата ја продолжува Стопанска банка АД Скопје. Добивката е натфрлена за 20,26 насто.

    НЛБ Банка е на високото трето место со 39,6 милиони евра и со раст на добивката за 19,13 проценти.

    Во ТОП 10 според финансиските резултати има уште една банка, а другите се компании афирмирани и на домашниот и на странските пазари.

    Од услугите што ги нуди Македонски Телеком инкасирал 26,9 милиони евра. Добивката е зголемена за 29,69 насто.

    Следи најголемата фармацевтска компанија, која во однос на ланските девет месеци бележи добивка повисока за 13,61 процент. Скопски Алкалоид“ е на петтата позиција со 21 милион евра.

    Голем скок – од 79,23 насто има кај Цементарница „Усје, со остварена добивка од над 18 милиони евра.

    Останува позитивен и кога бележи минус. Макпетрол, најголемиот дистрибутер на горива во државата има добивка од 10,7 милиони евра, која за една година е намалена за 33,12 отсто.

    На осмата позиција е прилепскиот Мермерен комбинат, кој во периодот на целосна промена на сопственоста има релативно низок пад од 6,53 проценти и добивка во износ од 9,3 милиони евра.

    Понатаму следи УНИ Банка со 5,45 милиони евра, добивка која е повисока за 35,03 насто.

    Првата десетка ја заокружува Рафинеријата „Окта“. Со голем пад од 59,07 проценти, има добивка од пет милиони евра.

    Како што банките засега немаат конкуренција, така и „Интерпромет“ АД Тетово гледано според едногодишниот раст на добивката. На оваа трговска компанија и успеало за 365 дена да набилда неверојатни 80270,51 насто кај профитот! Кој не верува, може да пресмета – до 30 септември 2022 добивката била 78.000 денари (1.269 евра), а годинава – 62.689.000 денари или 1,02 милиони евра.

    По растот на добивката второпозициониран е „Ветекс“ од Велес, со високи 457,87 проценти.

    Понатаму се РЖ „Техничка контрола“ со 331,33 насто, ГТЦ АД Скопје со 252,83 и првата половина од ТОП 10 во оваа категорија завршува со „Македонијатурист“ – 215,99 проценти.

    Следуваат „Нова стоковна куќа“ од Струмица со зголемена добивка за 211,10 насто, „Ангропромет Тиквешанка“ од Кавадарци – 192,51, скопски Реплек – 190,22, кавадаречката винарија Тиквеш – 181,30 и Хотели-Метропол од Охрид со раст од 176,62 проценти.

    Кај наведените компании можеби износите не се високи, но забележителни се процентите остварени кај зголемувањето на добивката.

    Исто како што се интересни оние кои имаат најголем процентулен пад, а сепак во работењето реализирале позитивни финансиски резултати.

    Во ТОП 10 со негативен предзнак се:

    „Макошпед“ од Скопје со -95,34%, „Рудници Бањани“ -81,65%, „Струмичко поле“ од Василево -76,93%, „Макстил“ -76,30%, „Фруктал Мак“ -64,31%, Кланица со ладилник АД Струмица -63,63%, „Окта“ -59,07%, „Димко Митрев“ од Велес -52,38%, „Раде Кончар – Апаратна техника“ -49,56% и  – „Транскоп“ од Битола -47,75%.

    Според прегледот, банките и компаниите кои котираат на Македонска берза, за девет месеци оствариле вкупна добивка од 252,57 милиони евра. Во позитива се 69 од нив (лани 74), а загуби има кај 21 компанија (лани 16).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично