ПОВЕЌЕ

    Официјално – земи или остави: Алта банка нуди 3.777 денари за акција од Стопанска банка Битола

    Време зa читање: 3 минути

    Српската Алта банка депонирала 1.403.299.026 денари на посебна сметка во Централниот депозитар наменети за преземање на Стопанска банка Битола, односно на сите 371.538 обични акци. Акционерите имаат време до 10 октомври да одлучат дали своите акции ќе му ги продадат на заинтересираниот купувач по единечна цена од 3.777 денари. Алта банка АД Белград, која веќе поседува 19.439 од овие банкарски акции, официјално ја објави својата понуда.

    Како што се наведува во проспектот, понудената цена е над просечната постигната на Македонската берза во последните 12 месеци. Акционерите за кои ова е прифатлива цена, треба да дадат писмена изјава во некоја од филијалите на Комерцијална банка, која е овластена да ја спроведе постапката.

    Понудата ќе се смета за успешна доколку се продадат најмалку 273.795 акции или 70,03 отсто од вкупно издадените. Тоа би значело дека „преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички со него“ поседуваат 75% плус 1 акција. Ако, пак, Алта банка дојде до 95 отсто од акциите, тогаш ќе го искористи правото за принудна продажба на останатата количина, согласно Законот за преземање на на акционерските друштва.

    Па, откако Комисјата за хартии од вредност ќе издаде решение со кое се утврдува успешноста на понудата, лицата што ги продале акциите, ќе бидат исплатени во рок од осум дена.

    Што се однесува до поголемите акционери, ги има десет, меѓу кои е и Алта банка со моменталните 4,97 проценти. А, најголем меѓу нив е Пелистерка со 16,99 проценти. Со по 4,99 проценти следуваат Никола Јанковиќ, Јовица Ќурќиќ и Тони Јосифовски; а потоа Ненад Јосифовиќ (4,93%), ДПТУУ Тимох (4,86%), ОРКА Холдинг (4,68%), НЕТ-Електроникс Владимир (4,15%) и Скопски пазар (4,10%). Оваа листа, се вели во проспектот, произлегува од акционерската книга со датум од први септември.

    Белградската банка најавува стратегија за модернизација и дигитализација на работењето на Стопанска банка Битола, подобрување на корисничкото искуство и зајакнување на позицијата кај малите и средни претпријатија. Планирано е и зголемување на бројот на вработените, со акцент на експерти во ИТ, аналитика и маркетинг, како и селективно вработување и преквалификација.

    Во делот на мрежата, се предвидува ребрендирање и оптимизација на експозитурите, без големи промени во нивниот број, а профитот ќе се реинвестира во дигитализација, модернизација на инфраструктурата и проширување на кредитното портфолио.

    Алта банка влегува во овој деловен потфаат со 156 милиони евра консолидиран капитал и актива од 1,3 милијарди евра (заклучно со 2024 година). Со ова преземање, се смета дека Стопанска банка Битола, како една од најстарите регионални банки во земјава, ќе добие нова енергија и стратешка поддршка од силен странски инвеститор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично