ПОВЕЌЕ

    Објавени резултатите од анкетата на ОЕЦД-ИНФЕ за мерење на нивото на финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа

    Време зa читање: 3 минути

    Во рамките на Регионалниот проект за техничка помош за финансиска едукација (2018-2022) од страна на ИНФЕ-ОЕЦД, согласно со програмата на Конституенцата на Министерството за финансии на Холандија, во втората половина на 2019 година во седум земји од регионот, вклучително и во нашата земја, се спроведе анкета за мерење на нивото на финансиската писменост на возрасното население. Резултатите од мерењето се вградени во Извештајот „Финансиската писменост на возрасните во Југоисточна Европа“. Мерењето покажа дека возрасното население од Југоисточна Европа постигна околу 57% од можниот максимум, што е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, добиени преку истата методологија од истражувањата, од 64% и 65%, соодветно. Врз основа на резултатите од спроведеното мерење ќе бидат дадени предлог-активности, политики и мерки за подобрување на финансиската писменост и политиката за заштита на корисниците на финансиски услуги во следниот период.

    Значајно е да се истакне дека оваа публикација ги опфаќа резултатите од второто мерење на нивото на финансиска писменост кај возрасното население во Северна Македонија. Првото мерење беше извршено во првиот квартал на 2018 година. Добиените резултати од двете мерења се споредливи, со оглед на тоа што во двете анкети е употребена иста методологија. Со оглед на тоа дека станува збор за релативно краток временски период во којшто се спроведени двете мерења, агрегатниот резултат е ист. Имено, населението во Северна Македонија и во 2018 и во 2019 година оствари 56% од максимумот, или агрегатен показател 11,8 (од кои 3,9 за финансиските знаења, 5,1 за финансиското однесување и 2,8 за финансиските ставови). Во споредба со структурата на показателот во 2018 година, има само мали поместувања (во 2018 година кај финансиските знаења е 4, за финансиското однесување е 5 и исто ниво од 2,8 е за финансиските ставови). Резултатите од првата, како и од втората анкета укажуваат на тоа дека е потребна поголема информираност и едукација на населението за употребата на различните современи банкарски и други финансиски производи и услуги.

    Петгодишниот проект предвидува мерење и процена на сегашното ниво на финансиска писменост на населението и утврдување на приоритетите и целните групи кај земјите коишто се дел од Проектот: Бугарија, Грузија, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Хрватска и Црна Гора; Создавање, спроведување и евалуација на Национална стратегија за финансиска едукација; и Развивање и спроведување различни активности за промовирање на финансиската писменост. Во нашата земја тековно се работи на подготовка на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. 

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично